недела, 19 мај 2024

Шкотска има нов премиер, втор за една недела

Новиот претседател на шкотската партија СНП Џон Свини денеска во шкотскиот парламент е избран за претседател на шкотската влада, на местото на Хумза Јусаф.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден ден откако го наследи како лидер на партијата, која ја поддржува независноста на Шкотска, Свини, 60-годишен политички ветеран и долгогодишен втор човек во владата, стана трет премиер на Шкотска за нешто повеќе од една година.

Тој доаѓа на местото на Хумза Јусаф (39), кој поднесе оставка минатата недела по распадот на коалицијата со Зелените. Тие се воздржаа од гласање.

Свини освои 64 од 129 гласови во парламентот каде Шкотската национална партија има голема предност пред опозициските партии, но нема апсолутно мнозинство. Тој уште мора да положи заклетва пред Врховниот суд.

Претходно во текот на денот, Јусаф официјално ја поднесе својата оставка во писмо до британскиот крал Чарлс Трети. Тој беше на власт 13 месеци, по својата претходничка Никола Стурџеон. Тој беше најмладиот шкотски премиер и прв од редовите на националното малцинство.

„Како млад муслиман, роден и израснат во Шкотска, не сонував дека еден ден ќе бидам привилегиран да ја водам својата земја“, напиша тој.

Шкотскиот парламент е одговорен за многу области, вклучувајќи го здравството и образованието, додека Лондон е одговорен за надворешната политика и одбраната.

Џон Свини од 2014 до 2023 година беше вицепремиер за време на мандатот на Никола Стурџеон. Тој ја напушти функцијата кога таа поднесе оставка. Тој ја водеше СНП од 2000 до 2004 година, кога партијата беше во опозиција.

Дел од опозицијата ја обвинува СНП, која е на власт од 2007 година, дека ѝ дава приоритет на борбата за независност на сметка на секојдневниот живот на граѓаните, но Свини во понеделникот вети дека ќе се фокусира на „економијата, вработувањето, животните трошоци“ и на здравствениот систем, образованието и климатската криза.

Тој исто така нагласи дека сака Шкотска да стане независна. Но, тие амбиции засега се во застој, откако британскиот Врховен суд на крајот на 2022 година пресуди дека само британската влада може да даде дозвола за нов референдум. Последниот референдум во 2014 година не успеа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ