понеделник, 27 мај 2024

Шикорски: НАТО не треба да се плаши од Русија, Русија треба да се плаши од него

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски денеска во полскиот парламент изјави дека Полска веќе е соочена со хибридна агресија од страна на Русија и дека целта на официјална Москва не е само Украина, туку уривање на меѓународниот поредок по Студената војна и наметнување на логиката на сила.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шикорски, сепак, нагласи дека НАТО не треба да се плаши од конфликт со Русија, туку токму спротивното, Москва треба да се плаши од него.

„Украина повеќе од две години се бори против агресорот чија цел не е само да ја уништи независноста на Украина, туку и да го уништат меѓународниот поредок по 1989 година. Логиката на законите и доброволните сојузи треба да се замени со логиката на сила, сфера на влијание и диктат кон соседите“, рече Шикорски.

Во експозето за новите насоки на полската надворешна политика по победата на проевропската демократска опозиција на есенските избори во Полска, шефот на полската дипломатија потсети дека 15-те земји од НАТО што најактивно ја поддржуваат Украина издвоиле 1,17 милијарди долари за одбрана, додека Русија потрошила 86,4 милијарди долари, значи 14 пати помалку.

„Русија по првата фаза на мобилизација има 1,3 милиони војници. НАТО без дополнителна мобилизација има 3,5 милиони. Резервите на воздухопловните сили се три пати поголеми од руските. Не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку спротивното. Единствената надеж на Путин е нашата неодлучност“, рече Шикорски.

Министерот предупреди дека Полска веќе е цел на хибридна војна предводена од Русија.

„Полска денес се соочува со различни форми на хибридна агресија како што се дезинформации и сајбер-напади, злоупотреба на енергетската зависност или инструментализација на миграцијата. Очигледниот интерес на Полска е да го задржи агресорот што е можно подалеку од нашите граници. Основата на одбраната на Полска е НАТО со водечката улога на САД“, рече полскиот министер.

Како еден пример, тој ги наведе руските тврдења дека Полска, заедно со неколку други земји, сака да ја распарчи Украина, што Шикорски категорично го негираше.

Во своето обраќање во парламентот, Шикорски рече дека евентуалниот руски напад врз НАТО ќе заврши со пораз на Русија, како и дека Алијансата мора да ги зголеми инвестициите во својата одбрана.

Тој ги истакна приоритетите на владата на премиерот Доналд Туск, која се обидува да покаже лидерство во Европа поради зголемените стравувања дека руската агресија нема да престане во Украина. Шикорски ја обвини претходната влада на партијата Право и правда, која ја предводеше Полска од 2015 до 2023 година, дека избрала конфронтација со ЕУ.

Обраќањето на Шикорски е наменето и за светската и за домашната јавност. Полска, членка на НАТО и на Европската Унија, се наоѓа на источното крило на двете организации и се граничи со Русија, Белорусија и Украина. Тоа исто така е клучен центар за западното оружје испратено во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ