петок, 18 октомври 2024

Шест земји меѓу кои и Македонија треба да вложат 37 милијарди долари за заштита од климатските промени

Шесте економии на Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следните десет години за ефикасно да ги заштитат луѓето и имотот од штетните и растечки ефекти на климатските промени, пишува во Регионалниот извештај за Западен Балкан за климатски промени и развој на Групацијата Светска банка (ЦЦДР) објавен денеска.

Објавено на

часот

Сподели

Од Светска банка (СБ) велат дека придобивките од ефикасната климатска акција би биле огромни за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Овие инвестиции би помогнале да се избегне загубата на човечки животи, имот и продуктивност и би помогнале во забрзувањето на економскиот раст.

Недостакотот од акција, велат од СБ, не е опција за регионот кој веќе е сериозно погоден од климатските промени.

„На пример, поплавите директно погодиле два милиони луѓе во последната деценија, а влијанијата ќе се влошат со поекстремните врнежи. Шумските пожари се растечка закана со повеќе од 1.500 регистрирани во 2021 година, што претставува зголемување од 21 отсто во последната деценија. Сушите негативно влијаат на земјоделското производство, додека топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот, предизвикувајќи илјадници предвремени смртни случаи годишно во земјите од Западен Балкан“, велат од СБ.

Директорката на Светска банка за регионот на Западен Балкан Шиаочин Ју вели дека климатските промени претставуваат јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан.

„Трошоците за инвестиции во адаптација се значителни. Но, добрата вест е дека придобивките се уште поголеми. Подготвувајќи се за климатските опасности, може да спасиме животи, да ги заштитиме локалните заедници и да го поттикнеме економскиот раст“, вели Ју.

Според проценките на Светска банка, инвестициите во адаптација на климатските промени, особено во економиите со низок и среден приход, носат значителен поврат, од околу 4 долари за секој 1 инвестиран долар.

„Земјите од Западен Балкан исто така треба да ги намалат своите емисии на стакленички гасови за да останат конкурентни, да ја зајакнат енергетската безбедност и да привлечат меѓународни инвестиции. Сепак, постигнување климатска неутралност до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија, би барало дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари. Постигнувањето на нето нула емисии на стакленички гасови низ целата економија до 2050 година е остварливо доколку соларната, ветерната и хидроенергијата можат да генерираат над 95 проценти од вкупното производство на енергија, што е значително зголемување од сегашната една третина од производството“, се наведува во соопштението на СБ.

Дополнително, велат од СБ, од суштинска важност е декарбонизацијата на градежниот сектор преку инвестиции во енергетската ефикасност. Исто така, транспортниот сектор мора значително да се трансформира преку намалување на побарувачката на возила, преминување на поодржливи начини на транспорт и транзитирање кон употреба на електрични возила.

Извештајот нагласува дека значителен дел од финансирањето може да дојде од приватниот сектор. За да се мобилизираат приватните инвестиции, земјите од Западен Балкан мора да обезбедат стабилни регулаторни средини и атрактивни финансиски пазари за да ги охрабрат компаниите да учествуваат во можностите кои ќе ги понуди транзицијата.

„Адаптацијата на климатските промени е клучна за земјите од Западен Балкан за да го максимизираат својот потенцијал и да поттикнат силен и одржлив раст. Учеството на приватниот сектор ќе биде од суштинско значење во тој поглед. Извештајот дава јасен и навремен патоказ за постигнување на оваа транзиција кон нето нула емисии и да се поведе грижа локалните заедници да бидат заштитени и да ги добијат економските придобивки од оваа зелена транзиција“, вели Николас Маркиер, регионалниот менаџер на Меѓународната Финансиска Корпорација (МФК) за Западен Балкан.

Извештајот за клима и развој на државите на Светска банка за Западен Балкан дава неколку препораки за политики кои би го воделе регионот во транзицијата кон климатската неутралност до 2050 година. Овие препораки се организирани во три категории политики, трансверзални со кои е потребно да се создадат специјализирани агенции или наменски комисии за клима, прекугранични за справување со климатските ризици кои ги надминуваат географските граници и целни политики кои вклучуваат реформи во образованието и обуката за зголемување на мобилноста на работната сила и напори за усвојување на климатско-паметни практики.

Групацијата Светска банка има амбициозна цел да насочи 45 отсто од своето финансирање на климатска акција до 2025 година, кои средства подеднакво би се распределиле помеѓу ублажувањето и адаптацијата. Во фискалните години 2023 и 2024, Групацијата Светска банка издвои речиси 1,2 милијарди долари за климатско финансирање на Западен Балкан.

Извештаите за клима и развој на државите на Светска банка се нови основни дијагностички извештаи кои интегрираат разгледувања на прашања на климатски промени и развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ