сабота, 19 октомври 2024
Никако да почне повторениот судски процес во гостиварскиот суд

Шест пати не дојдоа на судење таткото и ќерката од Косово обвинети за бесправно изградените бунгалови во Леуново

Апелацискиот суд Гостивар ја укина првостепената пресуда за обвинетите татко и ќерка, Шериф Рамука и Блерта Рамука и двајцата од Косово и правното лице „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз извоз с.Леуново Општина Маврово и Ростуше кои беа ослободени од вина за бунгалови на брегот од Мавровското Езеро. Во одговорот што МКД.мк го доби за причините за укинувањето на првостепената одлука стои дека Основниот суд Гостивар во текот на повторување на постапката треба повторно да ги изведе сите докази изведени во текот на главната расправа, правилно да ги анализира и цени и притоа тие да не противречат на вербалните и материјалните докази. По ова второстепениот суд го задолжува првостепениот суд да донесе законски заснована одлука.

Објавено на

часот

Сподели

Првостепената пресуда беше донесена минатата година во јули, а со неа обвинетите беа ослободени бидејќи, според судот не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело. Но, повтореното судење за кое Основниот суд Гостивар доби упатства од апелационите судии во Гостивар не е почнато и до сега шест пати се одложува. Седмиот по ред обид да почне повтореното судење е закажан за 7 ноември 2023 година.

„Жалбата на Основното јавно обвинителство Гостивар е поднесена против пресудата на Основниот суд Гостивар  К.бр. 245/22 од 7 јули 2022 година е уважена, а пресудата е укината. Предметот со сите списи е вратен на повторено судење со дадени упатства при повтореното судење по предметот судот повторно да ги изведе доказите изведени во текот на главната расправа, истите правилно да ги анализира и цени и притоа утврдените решителни факти да не се противречни со содржината на изведените вербални и материјални докази, а со таквото постапување врз основа на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на КЗ првостепениот суд да донесе правилна и на закон заснована одлука“, се вели во одговорот до МКД.мк од Основниот суд Гостивар.

За датумите за одложување и причините за тоа од судот ни одговорија:

„Согласно одлуката на Апелацискиот суд Гостивар закажана е главна расправа на ден 17 март 2023 година која што е одложена поради отсуство на обвинетите и нивните бранители, а расправата е одложена за 6 април 2023 година. И оваа расправа е одложена поради отсуство на обвинетите и бранителот Јовица Стефановски адвокат од Скопје и била презакажана за 12 мај 2023 година. На оваа расправа беа присутни бранителите , но не присуствувале обвинетите уредно повикани по што судот закажал нова расправа за 4 јули 2023 година. На ова рочиште повторно е одложена расправата поради отсуство на обвинетите и бранителот кој што до судот доставил поднесок дека е зафатен, па судењето е презакажано за 27 септември 2023 година. И на ова судење обвинетите не се појавила, а адвокатот доставил известување дека е на патување во Црна Гора. Нова расправа судот закажал за 7 ноември 2023 година“.  

Јавен обвинител кој го застапува обвинението е Хазби Исеини од Основно јавно обвинителство Гостивар.

Во Пресудата која е укината во делот на образложението не е наведено дека јавниот обвинител доставил извод од казнена евиденција како доказ за осудуваност или неосудуваност на Шериф Рамука и Блерта Рамука.

Пресудата е донесена на 4 јули 2022 година, а јавно објавена на 7 јули 2022 година во која пресуда застапникот на обвинението не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото за кое се обвинуваат,. 

Обвинетите во текот на постапкаа кажаа дека не чувствуваат вина за овој случај, а нивниот законски застапник пред судот истакна дека постојат докази со кој ќе му предочат на судот дека ниту двајцата обвинети, ниту нивната фирма немаат вина за бесправното градење на градбите на брегот на Мавровското Езеро.

Гостиварското обвинителство на почетокот на февруари минатата година поднесе обвинение против татко и ќерка, државјани на Косово, како и против нивната фирма, заради бесправно градење на бунгалови во Леуново, блиску до езерото.

Леуново

Првото закажано рочиште за овој предмет требаше да се одржи лани на 31 март, но се одложи поради неуредна достава до фирмата обвинета во овој процес.

Во обвинителниот акт постоечка адреса за фирмата има само од Косово, но поканата за почеток на судењето која се однесува на фирмата не стасала до таму.

Второто рочиште беше закажано лани на 26 април, но и тоа се одложи. На ова судење, според информациите на МКД.мк беше дојден таткото обвинет во постапката, но не се појави обвинетата ќерка.

Лани на 20 мај рочиштето започна, но обвинителот побара прекин бидејќи предложени биле нови докази за овој предмет, па Обвинителството треба да се произнесе. Ново рочиште беше закажано лани на 9 јуни, а потоа е донесена одлуката на судот. 

Редакцијата на МКД.мк во неколку наврати пишуваше за дивоградбите во Леуново, а врз основа на барањето на група граѓани Спас за Маврово во кое беа дадени низа предлози, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно своите надлежности на крајот на минатата година отвори предмет со цел да го испита настанот и се водеше предистражна постапка.

По неколку месеци беше утврдено дека инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности, но сепак тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон.

Во соопштението за поднесениот обвинителен акт пишуваше дека се однесува на две физички и едно правно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот закони.

„Обвинетите, татко и ќерка, државјани на Република Косово, како и правното лице во кое управител била ќерката, во периодот од 10.07.2021 до 20.09.2021 година, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнале да градат осум бунгалови во селото Леуново, општина Маврово и Ростуше. Објектите – цврста градба, на околу 200-300 метри од езерото, биле евидентирани при извршена контрола од градежен инспектор, при што инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности. И покрај ова, тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон”, соопшти лани обвинителството.

По издаденото решение (на 15 септември, минатата година) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика” кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт”, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Под хотелот Радика се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика”. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите.

Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.

Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.

И Електрани на Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.

Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

Во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт” поднесени беа три кривични пријави.

На 5 октомври минатата година двајца управители на „Радика ресорт” од Леуново добија кривични пријави. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз. Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект „Радика ресорт” ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење.

„И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник од страна на Одделението за инспекциски надзор при Општина Маврово и Ростуше за запирање на изградбата, пријавените преку правно лице ДТТУ „Радика Ресорт” ДООЕЛ увоз-извоз (инвеститор) продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика”, соопшти Управата за финансиска полиција.

На 8 октомври 2021 година поднесена беше уште една кривична пријава за дивоградбите во Леуново, против сопственикот на „Радика ресорт” Шериф Рамука (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Р. (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба”. Во периодот од 10 јули до 20 септември, на место сопственост на хотел во село Леуново, општина Маврово и Ростуше, Ш.Р., сопственик на фирма, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнал изградба на осум објекти – бунгалови од цврста градба”, соопшти тогаш МВР.

                                                                                                                                  К. Д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ