сабота, 27 јули 2024

Шест месеци војна во Газа: Крајот не се гледа, пречките за мир се поголеми од кога било

Не се гледа крај на војната во Газа меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, која трае шест месеци и во која животот го загубија десетици илјади луѓе, пренесува германската агенција Дпа.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас продолжуваат во Каиро, при што израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху се соочува со зголемен притисок во Израел и во странство.

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Тел Авив и другите израелски градови во саботата вечерта за да протестираат против владата на Нетанјаху и да побараат покоординирани напори за да се обезбеди ослободување на киднапираните од Хамас.

Минатонеделниот воздушен напад на израелските сили врз конвој со хуманитарна помош наиде на критики од некои од најверните меѓународни сојузници на Израел.

Делегација на палестинската милитантна група Хамас планира да отпатува во Каиро на разговори за евентуален договор за прекин на огнот, но преговорите се во застој во последните недели.

Подалеку од конференциските сали каде што лидерите разговараат за иднината, војната создаде уште една страшна пречка за мирот. Палестинците и Израелците не биле толку сомничави еден кон друг уште од бурните децении на атентати, киднапирања и војни во 1950-тите и 1960-тите, пишува Би-би-си.

Војната започна на 7 октомври минатата година, кога стотици терористи, главно од Хамас, но и од други милитантни групи од Газа, упаднаа преку утврдената граница и убиваа луѓе во околните градови и на музички фестивал.

Во Израел беа убиени околу 1.200 луѓе, 250 беа киднапирани и однесени во Газа. Оттогаш, десетици од нив беа ослободени, неколку беа пронајдени мртви или ослободени од израелската армија.

Нападот без преседан доведе до масовна кампања на израелски воздушни напади и копнена воена офанзива која започна на северот од крајбрежната енклава и го зафати секој поголем град освен Рафа на југот на енклавата.

Според властите на Хамас во Газа, во израелските напади досега се убиени повеќе од 32.500 Палестинци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ