сабота, 27 јули 2024

Шефовите на дипломатиите на ЕУ не се сложни за прекинот на огнот во Појасот Газа

Хуманитарен прекин на огнот – државите-членки на Европската Унија ова дефинитивно би го поддржале, вели високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. Таквиот прекин на огнот би требало да овозможи хуманитарната помош да може да се достави во Појасот Газа и населението да може да се префрли на безбедно место. За тоа министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа во Луксембург.

Објавено на

часот

Сподели

Конечен став за тоа ќе донесат шефовите на државите и владите на состанокот во Брисел на крајот на неделата, нагласи Борел. Тој смета дека постои суштински консензус за тоа прашање по овој состанок на министрите – иако признава дека немало формално гласање за тоа.

Европската Унија, исто како и Израел, САД, Германија и други земји, смета дека милитантниот исламистички Хамас е терористичка организација. Откако милитантите на Хамас на 7 октомври извршија терористички напад на Израел, на Европската Унија очигледно ѝ е тешко да најде заеднички став, вели Дојче веле. Само два дена по ненадејниот напад беше нејасно дали ќе има – и ако има – кои исплати на помош за палестинските територии ќе бидат запрени или ревидирани.

Изгледа дека идеите за хуманитарен прекин на огнот или за хуманитарно примирје не се подеднакво добро прифатени во сите држави на ЕУ. Не е јасно што точно се подразбира под тоа и која е разликата меѓу овие две работи.

Борел на ова прашање одговара така што вели дека за него примирјето е многу повеќе од прекинот на огнот. Ова второво е помалку амбициозна цел и може побрзо да се имплементира, а за хуманитарно примирје, вели тој, би морале да се договорат страните во судирот. Ова е нешто што пред неколку дена го внесе во игра генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Во текот на денот неколку земји го поддржаа овој повик за примирје. „Повикуваме на итно хуманитарно примирје за да се создадат коридори за хуманитарна помош за цивилното население“, бараше словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Шпанија и Ирска исто така го поддржаа барањето на генералниот секретар на ОН.

Наспроти тоа, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред состанокот беше воздржана. На прашањето за тоа кажа дека борбата против тероризмот, кој им донесе толку страдања на луѓето во Газа, е „од суштинско значење“. „Истовремено, мора да се направи сѐ за да се ублажи неверојатното страдање на два милиони луѓе во Газа“, објасни политичарката на Зелените, оценувајќи дека станува збор за „квадратура на круг“.

Прилично негативен став имаа и летонската и чешката страна. Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски ја доведе во прашање идејата дека примирјето може да се примени само со Хамас. Исто така, вели, се надева дека никој не го заборава правото на Израел на самоодбрана. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани беше појасен: „Не можеме да му кажеме на Израел дека повеќе не му е дозволено да се брани додека Хамас испукува ракети на неговите градови.“

Одлуката за тоа дали ЕУ ќе повика на хуманитарен прекин на огнот, на хуманитарно примирје или на ништо од ова сега зависи од шефовите на државите и владите, кои ќе се состанат в четврток (на 26 октомври). Нацрт-заклучокот на претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел содржи соодветен пасус – барем засега.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ