недела, 20 октомври 2024

Шефот на Вагнер: Ни кажаа дека ако ги напуштиме позициите, тоа е предавство

Објавено на

часот

Сподели

Пригожин – досега близок соработник на Владимир Путин – повторно го обвини военото раководство во Москва во видео објавено денес. Тој ја критикуваше тактиката на руските команданти велејќи дека „рибата смрди од главата“.

Пригожин се закани дека ќе му пркоси на предупредувањето на Москва дека тој и неговите луѓе ќе бидат обвинети за предавство доколку ги напуштат позициите на првата линија на фронтот, откако руското Министерство за одбрана не им достави муниција, пишува Дејли мејл.

Во своето последно бурно обраќање – само една недела откако објави видео во кое се заканува дека ќе го напушти Бахмут до 10 мај – Пригожин вети дека ќе замине доколку не се надополнат неговите воени резерви.

Последното видео на Пригожин беше објавено додека Владимир Путин ја предводеше воената парада на Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва. Путин денеска изјави дека Русија сака мир и ја обвини „западната елита“ дека води „вистинска војна“ против неговите сили во Украина.

Пригожин, од друга страна, ги обвини редовните армиски сили – под министерот за одбрана Сергеј Шојгу – дека се свртеле и побегнале од украинските војници, оставајќи ја изложена линијата на фронтот.

„Вчера добивме воена наредба во која беа наведени неколку важни моменти. Прво, ако ги напуштиме нашите позиции, тоа би се сметало за предавство“, вели тој во видеото.

„Ако нема муниција, ќе си одиме. И ние ќе го поставиме прашањето кој тука е предавник на татковината“, додаде тој.

Тој во неколку наврати бараше повеќе муниција од Министерството за одбрана, но тврди дека и покрај ветувањата, испораката не стигнала.

Тоа е втор пат во неколку дена да се заканува дека ќе ја повлече својата воена група од Бахмут – иако тие беа поефикасни од редовните сили на Путин во војната против Украина.

Тој го отфрли оригиналниот план да се повлече утре (10 мај), кога му беше ветено повеќе муниција, но сега вели дека муниција не е добиена – само закана дека дезертерите ќе ги обвини за предавство.

Доцна во понеделникот, Пригожин рече дека има знаци дека проблемот со муницијата е решен, но во вторникот рече дека големината на пратката е скратена.

„Ни дадоа само 10% од она што го побаравме. Нѐ измамија“, рече тој.

Пригожин, кој вели дека неговите луѓе ја презеле контролата врз 95% од Бахмут, тврдеше дека некои редовни војници побегнале од своите позиции во близина оставајќи го крилото на Вагнер привремено откриено, проблем што неговите луѓе морале да го решат.

„Денеска еден од одредите на Министерството за одбрана избега од едно од крилата“, рече разгневениот Пригожин.

Тој повторно го критикуваше руското воено раководство.

„Не е проблемот во војниците. Проблемот е во луѓето кои управуваат со нив и им даваат задачи. Рибата смрди од главата“, рече тој, велејќи дека наредбите ги дава „криминална“ и „предавничка“ група.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ