понеделник, 9 декември 2024

Шефот на Вагнер на Денот на победата се потсмеваше со Путин

Објавено на

часот

Сподели

Јевгениј Пригожин на 9 мај објави видео, повторно жалејќи се поради недостигот од муниција и обвинувајќи го руското Министерство за одбрана за неисполнување на ветеното снабдување. Во 27-минутната снимка, Пригожин прекорува некој „дедо“, кој е среќен и расположен и покрај тешките услови со кои се соочуваат Русите на фронтот.

„Некои луѓе се борат, а има луѓе што некаде чуле, некогаш во животот дека треба да се имаат резерви – и тие ги штедат, ги штедат, ги штедат овие резерви“, рече Пригожин, обвинувајќи „некого“ дека собира муниција наместо да им ја доставува на војниците на фронтот.

„И наместо да потрошат граната, да го убијат непријателот, да ги спасат животите на нашите војници, тие ги убиваат нашите војници.“

Шефот на Вагнер продолжува: „А еден среќен дедо мисли дека се чувствува добро. И што треба да направи земјата понатаму? Ако се покаже дека е во право, Бог нека ги благослови сите“.

Кој е овој мистериозен „дедо“? Контекстот укажува дека тој може да се однесува само на Владимир Путин, вели Киев пост.

Пригожин речиси сигурно мисли на Путин, кого често го нарекуваат „дедо“ или поточно „дедото од бункерот“, вели Скај њуз. Пригожин претходно по име напаѓаше други високи функционери и офицери, но ова е првпат да го напаѓа директно Путин, вели британскиот медиум.

„Но што треба да направи земјата, што треба да прават нашите деца, внуци и иднината на Русија, и како да ја добиеме војната ако, случајно, само претпоставувам, испадне дека овој дедо е комплетен шу*ак?“, додава тој.

„Очигледно, ‘дедото’ е референца за Путин“, изјавил за Њузвик Влад Михненко, експерт за посткомунистичката трансформација на Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија.

Односот на Путин и Пригожин датира од 1990-тите, кога тој му служеше храна на Кремљ со своите угостителски компании. Тој брзо се искачи во руското општество, натрупа огромно богатство и минатата година се појави како клучен играч во руската војна во Украина.

Татјана Становаја, виша соработничка во Карнеги центарот за Русија Евроазија и основач на „Реалноста на руската политика“, фирма за политички анализи, рече дека неодамнешната низа од видеа на Пригожин покажува дека тој нема директен контакт со Путин.

„Единствениот начин да го изрази своето несогласување и гнев е да излезе во јавноста. Затоа тој мора да објавува толку многу видеа каде што покажува колку е жесток и како работите тргнале наопаку, колку му е тешко и неговите момци“, изјави таа за Њузвик.

„Би било изненадувачки ако Пригожин ја преживее оваа изјава“

Пригожин постојано се кара јавно со руското Министерство за одбрана околу снабдувањето на неговите војници со муниција. Во последното видеообраќање долго 27 минути, објавено од неговата прес-служба непосредно по Парадата на Денот на победата во Москва, Пригожин тврди дека една од единиците на руските вооружени сили побегнала од стратегискиот мост во областа Бахмут, каде што беа убиени околу 500 платеници на Вагнер.

Институтот за проучување на војната нагласува дека нападите на Вагнеровиот шеф врз Путин може дополнително да го разбрануваат Путиновиот систем, во кој поединци можат да се натпреваруваат за позиција и влијание (и да паднат и да ја загубат наклонетоста на Путин), но не можат директно да го критикуваат Путин. Останува да се види дали Кремљ ќе му одговори на Пригожин во наредните денови.

Некои аналитичари сметаат дека Пригожин како крајна цел си поставил да го собори Путин од позицијата претседател на Русија. Андерс Аслунд, експерт за Русија и поранешен економски советник на руската влада од 1991 до 1994 година, рече дека „би било изненадувачки ако Пригожин ја преживее оваа изјава“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ