среда, 25 декември 2024

Шефот на украинскиот воен кабинет: Контраофанзивата пропадна

Украинските надежи во контраофанзивата не се остварија, призна највисокиот функционер Алексеј Данилов, кој го координира воениот кабинет на таа земја. „Тоа не значи дека победата нема да биде наша“, додаде тој.

Објавено на

часот

Сподели

Киев во моментов се обидува да изнуди нови пакети западна помош, особено од Соединетите Американски Држави. Данилов верува дека барем некои воени средства „сигурно ќе дојдат“.

Во мај, пред офанзивата, Данилов за Би-би-си кажа дека претстојните месеци претставуваат „историска прилика“. Осврнувајќи се на тогашната изјава, тој кажа: „Во мај секој граѓанин на нашата земја сакаше војната брзо да заврши. Имаше надежи, но не се остварија. Тоа што две години ја браниме својата земја е веќе голема победа“.

Украинските сили се надеваа дека ќе вратат делови од териториите кои Русија ги освои во инвазијата во февруари 2022, како и да ги пресечат руските линии за снабдување на Крим. Но соочени со силната руска одбрана и воздушната надмоќ, нивните напори заглавија со доаѓањето на зимата. „Луѓето понекогаш грешат. Не можете да бидете одличен цел живот“, кажа Данилов.

Моменталната ситуација на боиштето ја опиша како многу тешка и оцени дека старите учебници за војување, особено тие на НАТО, „треба да се стават во архив“. „Војна како оваа во нашата земја немало – ни во 20 ни во 21 век“, смета тој. „Со сигурност можам да кажам дека нема да сопреме. Ќе продолжиме да се бориме за нашата слобода, за нашата независност“.

Во Украина нов акцент е ставен на утврдување на одбранбените линии за зимата. Се верува дека Русија го опколува градот Авдеевка и врши притисок да ја преземе целосната контрола над блиската Маринка во Доњецк.

Данилов е уверен дека американската одбранбена помош ќе биде одобрена, но не сакал да изнесе бројки за тоа на што Украина би можела да се надева. „Ако се случи пред Божиќ да добиеме подарок, ќе бидеме среќни. Ако тоа се случи нешто подоцна, тогаш не треба да се прави трагедија“, кажа тој.

На прашањето дали Украина ќе ја изгуби војната ако прекине американската помош, тој одби да ја прифати таа можност бидејќи, како што оцени, „вистината е на нивна страна“.

„Ќе нè уништи ли )рускиот претседател Владимир) Путин пред очите на човештвото? Ќе ни ги убива ли нашите деца, нашите жени, нашите старци? И ќе гледа ли целиот свет со затворени очи? Тогаш би требало да се постави прашањето во каков свет живееме“, смета тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ