Украинскиот командант Олександар Сирски во интервју за Си-ен-ен, рече дека рускиот напредок е запрен. „Во последните шест дена непријателот не напредуваше ниту еден метар во правец на Покровск. Со други зборови, нашата стратегија функционира“, рече тој.
Упадот во областа Курск, рече тој, „значително го подобри моралот не само на армијата, туку и на целото украинско население“.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот рече дека упадот во Курск не го забавил напредокот на Москва во источна Украина.
Сирски рече дека украинската војска забележала намалување на гранатирањето и интензитетот на борбите во источна Украина. „Се разбира, непријателот ги концентрираше своите најобучени единици во областа на Покровск. Но ние им ја одзедовме можноста за маневрирање и распоредување засилувања од други сектори“, рече тој.
„Секторот Покровск останува најпроблематичен за нас, а состојбата во другите области е стабилизирана. Затоа мислам дека стратегијата е правилно избрана и ќе ни ги донесе посакуваните резултати“, додаде тој. Претседателот Володимир Зеленски во ноќното обраќање рече дека украинските сили држат позиции во Курск и „со секој нов ден операциите му докажуваат на светот дека Русија може да ја загуби оваа војна“.