вторник, 22 октомври 2024

Шефот на српската дипломатија ја обвини албанската дијаспора за терористички закани

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ денес ја обвини албанската дијаспора за терористички закани на српски амбасади во две европски престолнини. Амбасадите на Србија во две големи европски престолнини во последните 24 часа добиле закани дека ќе бидат мета на терористички закани, кажа српскиот министер за надворешни работи Ѓуриќ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој кажа дека заканите, според прелиминарните безбедносни информации „доаѓаат од сепаратистички кругови на дел од дијаспората на Косово, од албанска националност“.

„Во соработка со други европски безбедносни тела се работи на тоа заканите да се спречат и отстранат“, кажа Ѓуриќ, оценувајќи дека „некој од Приштина веќе со години системски работи на создавање клима во која е прифатлив напад на сè што е српско“.

Докази за своите тврдења не даде, кажувајќи дека не сака „да ја влошува ситуацијата“. Кажа дека од утринава се засилени мерките за безбедност во дел од дипломатско-конзуларните претставништва на Србија во Европа.

Тврдењата на Ѓуриќ доаѓаат во време на стагнирање на дијалогот за нормализација на односите на Приштина и Белград и нови тензии меѓу двете страни поради намерата на приштинските власти по две децении да го отвори мостот на реката Ибар меѓу северниот дел на Косовска Митровица, населен со Срби, и јужниот каде мнозинство се Албанците.

Белград ја обвинува Приштина дека најавеното отворање на мостот е дел од предизборната кампања за парламентарните избори во февруари и инсистира дека НАТО (Кфор) мора да ја гарантира безбедноста на Србите.

Приштина, пак, тврди дека е во постојан контакт со „меѓународните партнери“, и дека нема да прави потези кои можат да бидат „контрапродуктивни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ