сабота, 6 јули 2024

Шефот на либанската дипломатија: Либан не сака војна со Израел

Шефот на либанската дипломатија Абдула Бу Хабиб изјави дека неговата земја не сака војна со Израел и дека е заинтересирана за мир, пренесува Џерусалим пост.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Хабиб тоа го истакна во пораката што му ја испрати на израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац преку министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов.

Министерот Кац испрати порака до Хабиб во која посочи дека Израел мора да ги врати своите жители на северот на земјата во нивните домови, кои беа евакуирани поради постојаните напади на либанската проиранска милитантна група Хезболах и дека, доколку тоа не е можно врз основа на дипломатско решение, ќе се постигне со војна.

Во неговиот разговор со Бајрамов, Кац го обвини Иран, кој граничи со Азербејџан, за подгревање на тензиите во регионот.

Либан и Израел немаат дипломатски односи, така што комуникацијата меѓу двете земји често се одвива преку трета страна.

Хабиб зборуваше во услови на зголемени стравувања од избувнување на војна меѓу Либан и Израел по речиси девет месеци меѓусебни прекугранични напади меѓу израелската војска и Хезболах.

Хезболах започна напади во северниот дел на Израел во знак на солидарност со Хамас по почетокот на војната во Појасот Газа во октомври минатата година.

Хезболах најави дека нема да ги запре нападите врз северниот дел на Израел се додека не се постигне траен прекин на огнот во Појасот Газа.

Околу 60.000 Израелци кои беа евакуирани од своите домови на северот на земјата во октомври не можат да се вратат дома.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделникот изјави дека Израел практично го загубил суверенитетот над северниот дел на земјата, имајќи предвид дека тој не е безбеден за Израелците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ