четврток, 31 октомври 2024

Шефот на дипломатијата на ЕУ: Членството на Србија може да биде спорно ако не ја усогласи политиката со нашата

Усогласувањето со вредностите на Европската Унија, почнувајќи со владеењето на правото и со заедничката надворешна и безбедносна политика е најважниот показател на стратегиската ориентација на земјите кандидати на нивниот пат кон Унијата, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Усогласеноста со вредностите на ЕУ, почнувајќи од владеењето на правото и заедничката надворешна политика, е најважниот показател на стратегиската ориентација во новиот геополитички контекст“, кажа Борел на претставувањето на годинешниот пакет на проширувањето кој ги вклучува извештаите за напредокот на 10-те земји кандидати и потенцијални кандидати.

Србија е единствената која не е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ и во извештајот се истакнува дека земјата не воведе санкции против Русија, дека ги задржа односите на високо ниво со таа земја и дека ги интензивира односите со Кина, што, според Борел, „отвора прашања за нејзината стратегиска насока“.

Тој оцени дека членството на Србија во ЕУ е „единствениот одржлив начин за изградба на долгорочен просперитет“. „Ние инсистираме на тоа Србија да се усогласи со нашата надворешна и безбедносна политика, чиј важен дел се рестриктивните мерки против Русија и мислам дека Србија порано или подоцна ќе се усогласи, инаку може да биде доведено во прашање членството“, кажа Борел.

Минатиот петок при посетата на Белград претседателката на Европската комисија, шефицата на Борел, Урсула фон дер Лаен, некритички ја фалеше Србија. Таа кажа дека српскиот претседател Александар Вучиќ е особено „посветен на реформите, особено во основните прашања, владеењето на правото и демократијата“. „Покажавте дека зад вашите зборови следат дела“, му кажа Фон дер Лаен на Вучиќ.

Меѓутоа, во извештајот за напредокот се тврди дека Србија постигнала „ограничен напредок“ во правосудството и основните права, дека „нема напредок“ во областа на слободата на изразувањето.

Србија ги почна преговорите во јануари 2014, и до сега отвори 22 од 35 преговарачки поглавја, а привремено затвори само два.

Како едно од важните барања за да напредува во пристапниот процес се наведува и нормализацијата на односите со Приштина и спроведување на сите досега склучени договори во рамки на тој процес на кој посредува Брисел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ