По седницата на Советот на министри на БиХ на која со поддршка од министрите поставени од Додик беше усвоена програма за економски реформи за периодот до 2027 година, што е дел од напорите за приближување до членството во Европската Унија, Конаковиќ на новинарите им кажа дека тоа е добар чекор, но не ги решава другите проблеми со кои БиХ во моментов се соочува.
Конаковиќ оцени дека гласањето на министрите од РС е показател колку Додик е „заплеткан“ во своите конструкции па еднаш се заканува дека ќе го блокира европскиот пат на БиХ, а веднаш потоа дејствува на сосема поинаков начин.
Тој потврди дека по Додик и премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ сега е распишана потерница, односно дека налогот за нивно апсење важи за сите полициски агенции во БиХ.
„Стевандиќ, Вишковиќ и Додик се бегалци во БиХ, а ние им даваме силна поддршка на правосудните тела да истраат во овој процес кој ќе резултира или со апсење или со некоја опција за бегство“, смета Конаковиќ.
Оцени дека Додик „скапо ќе плати“ за мерките кои ги презема откако Судот на БиХ неправосилно го осуди на една година затвор и шест години забрана за политичко дејствување поради непочитувањето на одлуките на меѓународниот претставник, кој политичкиот врв на РС го смета за нелегитимен.
Коментирајќи го тоа што Република Српска сега ќе формира своја гранична полиција и ќе ја преземе контролата на границата од БиХ, Конаковиќ кажа дека тоа е лудост и дека Додик за тоа само ќе добие „дополнителни години затвор“.