Рубио, нормално, застана на страната на американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс и ги повтори критиките на сметка на однесувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на состанокот во Овалната канцеларија, на кој присуствуваше и тој.
Тој истакна дека објавите во медиумите за тоа дека Украинците се оставени на страна ја фрустрирале американската власт пред состанокот.
Рубио ги опиша зборовите на украинскиот претседател како „отворено поткопување на обидите да се постигне мир“.
Високиот американски функционер го повтори и веќе кажаниот став дека Трамп е „мајстор на преговорите“ и дека „нема да дозволи да биде измамен“ од договорот со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
„Се сомневам дека Зеленски е спремен да го каже и да го направи она што е потребно за да се дојде до мировни преговори“, додаде Рубио.
Тој се осврна и на написите за Украина како исклучена страна, истакнувајќи дека Вашингтон е во постојан контакт со украинските власти.
„Во последните 10 дена се сретнаа со министерот за трговија, државниот секретар, потпретседателот, разговараа телефонски со Трамп и се сретнаа со него во Овалната канцеларија. Јас три пати разговарав со министерот за надворешни работи. Но, продолжуваме да ги читаме тие објави кои не се точни, а и понатаму се објавуваат“, кажа Рубио.
„Токму тоа доведе до силното чувство на фрустрација на состанокот“, оцени тој.