Како што пренесува Радио слободна Европа, Руте наведе дека му кажал на Зеленски дека мора да најде начин да ги поправи односите со Трамп по нивниот жесток состанок во Белата куќа.
„Важно е Зеленски да најде начин да го обнови својот однос со американскиот претседател и со вишиот американски лидерски тим“, кажа Руте за Би-би-си, коментирајќи го вчерашниот телефонски разговор со Зеленски.
Тој состанокот во Белата куќа го опиша како „несреќен“.
Руте кажа и дека Соединетите Американски Држави, Украина и Европа мора да се држат заедно за да обезбедат траен мир во Украина.
„Досега два пати разговарав телефонски со Зеленски. Му го кажав ова, дека мора да се држиме заедно, САД, Украина и Европа за Украина да ја доведеме до траен мир“, кажа Руте.
Зеленски, еден ден откако во Белата куќа имаше жестока кавга со Трамп и потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, престојува во Лондон на состанок со британскиот премиер Кир Стармер.
Ескалацијата меѓу Зеленски и Трамп и Венс, која беше емитувана низ светот, предизвика загриженост за поддршката на Вашингтон на Киев и потенцијалниот мировен договор со Москва.
Зеленски замина од Белата куќа без да го потпише договорот за минералите со Трамп, што беше главната цел на состанокот.