сабота, 27 јули 2024

Шефицата на германската дипломатија: Кина сè повеќе станува ривал отколку трговски партнер

Објавено на

часот

Сподели

Острите забелешки следат откако Бербок минатата недела го посети Пекинг каде предупреди дека секој обид на Кина да го контролира Тајван ќе биде неприфатлив.

Пекинг го смета Тајван за своја покраина и никогаш не ја исклучил можноста за употреба на сила за да го врати одметнатиот остров под своја контрола, пишува Ројтерс.

Бербок среде Пекинг кажа и дека Кина сака да ги следи сопствените правила на сметка на меѓународниот поредок заснован на правила. Пекинг за возврат побара од Германија да го поддржи „повторното обединување“ на Тајван и истакна дека Кина и Германија не се непријатели туку партнери.

Во вчерашното обраќање пред долниот дом на германскиот парламент по повод нејзината посета на Кина, Бербок кажа дека „дел од тоа беше навистина повеќе од шокантен“.

Таа не навлегуваше во детали, иако нејзиниот коментар следи откако кажа дека Кина станува сè порепресивна на внатрешен план, исто како и на надворешен. Истакна дека за Германија Кина е партнер, конкурент и системски ривал, но дека сега нејзиниот впечаток е „дека аспектот на системски ривал сè повеќе и повеќе се зголемува“.

Кина е најголемиот трговски партнер на Германија, кажа Бербок, но тоа не значи и дека Пекинг е најважен трговски партнер на Германија. Таа истакна дека германската влада сака да соработува со Кина, но дека не сака да ги повтори грешките од минатото, како на пример идејата за „промени преку трговијата“, која предвидува дека Западот може да оствари политички промени во други држави преку комерцијалните активности.

Бербок кажа дека Кина има одговорност да работи кон воспоставување мир во светот, особено користејќи го влијанието кое го има врз Русија.

Го поздрави ветувањето на Пекинг дека нема да ја снабдува Русија со оружје, но додаде дека Берлин ќе види како тоа ветување ќе функционира во пракса.

Од отстапувањето од политката на поранешната канцеларка Ангела Меркел, владата на Олаф Шолц развива нова стратегија за Кина за да ја намали зависноста од азиската економска суперсила, клучниот извозен пазар за германските производи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ