понеделник, 21 октомври 2024

Шеесет години Скопје на солидарноста возвраќа со љубов и останува отворен град , вели Костадиновска-Стојчевска

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира Министерството за култура, Скопје денес се сеќава и нема никогаш да ги заборави своите сограѓани и сите останати кои тој кобен ден, на 26 јули 1963 година ги загубија животите во катастрофалниот земјотрес кога градот беше покосен во урнатини.

„Цели 60 години на овој ден ги прераскажуваме сеќавањата, личните приказни и трагедии кои говорат за неизмерна болка и тага. Спасителите кои се упатија кон дестинацијата Скопје од каде извираа повици за помош, сведочеа потресни слики додека секоја секунда значеше спасен живот“, напиша министерката за култура Костадиновска-Стојчевска на социјалните мрежи.

Таа потсетува дека во тие трагични моменти „целата земја стана единствена во желбата да му помогне на Скопје и во тие моменти најсилно дојде до израз братството и единството на југословенските народи, а потоа и помошта на голем број други земји од целиот свет“.

„Пружената и прифатената рака подоцна стана симболична претстава за градот кој со сочувството, љубовта и солидарноста на светот важи за парадигма за човечноста која е најмоќната сила за обнова и нов почеток. Така Скопје го доби скапоцениот камен во круната наречен солидарност. Тој скапоцен камен на солидарноста денеска го сведочат бројни објекти, јавни установи, станбени објекти и цели населби кои беа изградени како подарок со љубов за Скопје“, пишува Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура истакнува дека „Станувајќи град на солидарност, Скопје ќе остане запаметен како град за чија обнова резолуција донесоа Обединетите Нации кога ги повикаа тогаш најголемите и најзначајни светски урбанисти и архитекти Константин Доксијадис од Грција, Кензо Танге од Јапонија, Адолф Циборовски од Полска и уште цела плејада други светски и југословенски архитекти и урбанисти“.

„Сите беа обединети околу идејата Скопје да биде град на нова ера, агора на демократијата и  форум на слобода. Беа исцртани и поставени темелите на една модерна метропола во која главен двигател е неговиот континуиран развој со обележја коишто проникнуваат и се надоврзуваат на неговата автентичност“, нагласува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура потенцира дека „за жал во децениите што следуваа Скопје доживеа и идеолошко-политички земјотрес предизвикан од самоповиканите квази урбанисти и идентитетски квази инжинери преку проектот „Скопје 2014“.

„Го откорнаа градот од неговата органска поврзаност со вековната, препознатлива приказна на град со отворена и инклузивна урбана средина на различни култури и традиции. Го нарушија единствен ритам на пријателска, комшиска заедница во која солидарноста е нишката која поврзува“, напиша Костадиновска-Стојчевска. Објектите на Скопје 2014 се, како што наведува, како „циркони“ кои може да се „светликави“, но тоа не е сјајот на Скопје. Тие кич циркони се симболи на делба, а Скопје не е тоа на ниту еден начин“.

Според министерката за култура, Скопје е град на кој не му личат делбите, град на кој му приличи заедништвото и емпатијата.

Костадиновска-Стојчевска посочува дека овие денови кога одбележуваме 60 години од скопскиот земјотрес, на целиот солидарен свет што на Скопје му подари спас, живот и обнова, Владата и Министерството за култура, во име на главниот град на нашата држава му благодарат со низа активности обединети низ манифестацијата наречена „Скопје во пет и седумнаесет“ и потенцира дека „Скопје денес е љубов“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ