„Нема општина која во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар… речиси никој не е поштеден. За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме!
За нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра.
Да ги притиснеме пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та во нивните изборни единици и да дадеме шанса на сите општини да станат почисти. И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти.
Во 2023-та не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа“, се вели во информацијата на Шанса за Центар.