сабота, 27 јули 2024

Шаќири: ВМРО-ДПМНЕ обвинува зашто нема никаков удел во создавањето на квалитетни кадри

Се наближуваат избори, па се зголемува и потребата за собирање ситни политички поени преку неосновани обвинувања, измислици и манипулации со јавноста. Денеска ВМРО – ДПМНЕ претераа, а јас како совесен, одговорен и транспарентен политичар и министер за образование и наука, соодветно ќе им одговорам по сите прашања, вели во својата реакција министерот за образование Јетон Шаќири откако ВМРО-ДПМНЕ денеска изнесе низа обвинувања во врска со начинот на кој се одвива образовниот процес во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Во врска со обвинувањето дека за основците и средношколците веќе три месеци нема финансиска помош, Шаќири вели дека финансиската поддршка за ученици и студенти се исплаќа етапно и секој кој ги исполнува условите добил или во следниот период ќе ги добие сите предвидени средства.

„Се работи за 100-тина илјади апликации и тие се обработуваат, се подготвуваат налози и се проследуваат за исплата. Нема никаква лага, средствата се исплаќаат и тој процес целосно ќе се заокружи. Впрочем, тоа ни е обврска регулирана со Законот за антикризни мерки.

Шаќири демантира дека ученици не одат на училиште поради рамазанските пости и дека Просветниот инспекторат на терен проверува дали има пропусти или неправилности поврзани со наставата.

Тој вели дека регионалниот центар за стручно образование и обука во Куманово наскоро целосно ќе се комплетира и ќе прерасне во современа образовна установа.

„Болката на ВМРО – ДПМНЕ е тоа што немаат никаков удел во развојот на овој современ концепт на образование и создавање квалитетни стручни кадри“, вели Шаќири.

За преименувањето на училиштето „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово во „Кард Гега“, Шаќири вели дека тоа го направила токму коалицијата БЕСА и ВМРО – ДПМНЕ и затоа, вели министерот, ова прашање треба да го одговорат самите од ВМРО-ДПМНЕ.

Петто, во изминатите неколку години инклузивноста на образовниот систем е издигната на високо ниво и се обезбедува еднаков пристап до квалитетно образование за сите ученици, вклучително и за оние со посебни образовни потреби. Само во оваа година ангажиравме над 820 образовни асистенти кои им помагаат на учениците со попреченост. Прашањето е колку асистенти беа обезбедени кога ВМРО – ДПМНЕ беше на власт? Дополнително се вложува во обуки на наставниот и стручниот кадар, се набавува асистивна технологија, се подобрува пристапноста на училишните објекти, се доделуваат стипендии за овие ученици.

За спорната екскурзија на наставнички од кумановско училиште, министерот Шаќири тврди дека досега немало претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ), но сепак ќе биде постапено за да се увиди состојбата.

„Верувам дека во ВМРО – ДПМНЕ знаат дека училиштата се во надлежност на општините, а токму во таа општина градоначалникот во последно време другарува со нив и затоа им е непријатно да го нападнат него, па за евентуален пропуст се обидуваат да го обвинат министерот кој ниту поставил таму директор, ниту ги пратил наставничките на екскурзија. По повод 8 Март за вработените службенички, министерството за образование (МОН) организираше викенд патување во Струга, без да биде потрошен денар од државниот буџет. Сите се согласни дека гестот е убав, создадени се убави моменти за вработените, само ВМРО – ДПМНЕ се обидува да го претстави тоа како скандал. А нивните градоначалници со државни пари организираа прослави во хотели и ресторани и се сликаа, снимаа и објавуваа на социјални мрежи и портали, но тоа не е проблем и не се споменува“, реагира Шаќири.

Тој ја повика ВМРО-ДПМНЕ да објави кој ги повикувал вработените во МОН и ги прашувал за кого ќе гласаат.

„Такво нешто ниту имало, ниту ќе дозволам да има. Со заминувањето на ВМРО – ДПМНЕ во опозиција, помина времето на уцени и закани на вработените во администрацијата“, вели министерот за образование Јетон Шаќири по последните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со начинот на кој се спроведува образованиот процес во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ