петок, 17 јануари 2025

Шаќири: Во Чашка треба да се постапува по забелешките од Просветниот инспекторат за да биде отворен интернатoт

Објавено на

часот

Сподели

Освен петте првачиња кои учат во засебна албанска паралелка, наставата во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка моментално ја посетуваат 178 деца од второ до деветто одделение од кои 117 се Македонци од Чашка, а 61 ученик се Албанци од селата во Општина Чашка. Тие наместо дa се сместат во школскиот интернат мора секојдневно со комбе да се носат во училиштето. Овие ученици како и досега и во оваа учебна година наставата ја следат во македонските паралелки заедно со нивните соученици Македонци.

„Ниту една општина не е заборавена, сите ученици и сите наставници треба да знаат дека не се оставени сами, туку имаат поддршка од Министерството“, рече министерот Шаќири по посетата на основните училишта во Чашка, каде Министерството за образование реализираше капитални инвестиции.

„Дојдов од градоначалникот, наставниците и учениците да слушнам како се одвива наставата во училиштата во општина Чашка. Реформата на образованието што ја реализираме, покрај нови наставни планови и програми, како и нови учебници, значи и инвестиција во подобри услови каде децата ќе учат а наставниците ќе работат“, нагласи Шаќири.

Во Подрачното основно училиште „Петар Поп Арсов“ во село Извор, се изведени градежни зафати и реновирање што овозможуваат поквалитетна настава, ги мотивираат и учениците и наставниците за постигнување повисоки резултати, а значат и за целата заедница. Министерството за образование и наука вложи 4,7 милиони денари во новиот училишен објект во село Согле, што беше завршен во октомври, лани. Исто така, беше извршена доградба и надградба на училишниот објект во село Долно Јаболчиште како и реконструкција на ОУ „Лирија“ во село Јаболчиште, а  вредноста на зафатот е 16,1 милион денари.

„Она што посебно сакам да го нагласам е дека овде, во училиштето „Тодор Јанев“, каде што го имавме најголемиот предизвик, наставата се одвива за сите ученици запишани во училиштето, без оглед на националната припадност. Со заеднички напори на Министерството, Владата, Советот на родители и претставници на локалната самоуправа, ги надминавме недоразбирањата“, изјави министерот Шаќири, додавајќи дека заедно со општината, Министерството ќе изгради нов училишен објект, како трајно решение со кое сите ученици ќе можат да го остварат правото на образование на мајчин јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ