Тој на гостувањето ги образложи новините кои ги носат измените во Законот за средно образование и Законот за стручно образование и обука и се надева дека овие закони во редовна постапка брзо ќе бидат изгласани во Собранието.
„За време на подготовката на овие закони редовно се консултиравме со политичките партии, со синдикатите, со средношколците, со професорите… и затоа сметам дека нема да има проблем од донесувањето на овие измени“, рече Шаќири.
Во однос на информациите за одржувањето на изборите на 24 април, среда, и на 8 мај, среда, министерот рече дека Министерството за образование ќе мора да најде решение за надополнување на изгубената настава за време на овие два дена.
Измените предвидуваат пролетен распуст и завршување на учебната година на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците.
Овие измени, изјави министерот, во многу нешта го подобруваат статусот на наставниците, им овозможуваат напредок во кариерата за што имавме многу забелешки во претходниот период.
„Со промените се унапредува статусот на наставниците и во средното образование, имаме кариерен советник, координатор, ментор… Ова е продолжување на дел од европските принципи. За ова пропишани се и условите кои ќе треба да се исполнат. Новина е и тоа што од стручното образование, со воведувањето на академскиот испит, учениците кои тоа го сакаат ќе можат да продолжат во високото образование во струката која ја учеле како средношколци“, изјави Шаќири.