Министерот пред Советот на родители во Чашка, увидувајќи го нивното противење да се прифатат деца Албанци кои всушност не се од територијата на Општината, понудил да се отвори паралелка на македонски јазик во селото Јаболчишта.
„Без разлика што таму поголемиот процент деца се Албанци, ако имаат такво барање, ќе отвориме. Јас секој од нивните предлози, без разлика на тоа што се однесуваа на надлежностите, на директорката, кажав дека треба да се има законска основа за секој проблем со цел да имам конечен записник за да можам да постапам. Отворената паралелка? Се работи за четири ученици, мали деца кои не знаат ниту за политички партии, ниту за разликите помеѓу нас. Барав до крајот на учебната година или до изнаоѓање на решение, тие да продолжат со настава во истото училиште“, изјави денеска Шаќири како реакција на ставот на родителите тие деца да учат во Велес или да се продолжи со настава на македонски јазик.
Пратеникот Мухамет Кадриов пак вчера, за ТВ 21 изјави дека проблемот со училиштето во Чашка настана откако министерот Шаќири му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот.
„Решение има, прво да му се вратат надлежностите на градоначалникот, потоа ние како политичари, фактори во оваа зона, да седнеме и да најдеме решение. Едно од решенијата е да седнеме со родителите од Чашка, сметам дека ќе прифатат, додека да изградиме училиште во Бањица децата таму да учат. Паралелката веќе е отворена, значи да продолжат на албански јазик додека да го направиме објектот во Бањица. Причината поради која јас бев индиферентен е поради тоа што ова прашање доби политичка конотација, не го решаваме проблемот туку правиме повеќе проблеми“, изјавил Кадриов.
Шаќири на неговата изјава реагирал дека тој пратеник постојано правел опструкции велејќи постојано дека „сега не е време“, а од таа изјава се изненадил дури и претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.
„Кадриов како Албанец од СДСМ е гласан од населението од тој регион. Но за жал, прочитав дека и тој се вклучил во опструкциите“, рече Џафери за телевизијата.
Протестите во Чашка почнаа пред три недели, откако за училиштето „Тодор Јанев“ беше донесена одлука за отворање на паралелка на албански јазик за шест ученици. Учениците Албанци во ова училиште досега учеа на македонски јазик. Против одлуките на Министерството за образование беше градоначалникот, а родителите почнаа со протест и бојкот на наставата на децата. Кон протестот се приклучија и наставници.
Родителите кои протестираат велат дека немаат ништо против учениците Албанци, но според нив тие треба да учат на македонски јазик како што предвидува статутот на училиштето. Родителите велат дека одлуката за паралелката на албански јазик е донесена без консултација со советот на родители.