петок, 10 јануари 2025

„Северномакедонски“ не постои ниту како граматичка, ниту како политичка придавка

Неадекватните асиметрични решенија на Преспанскиот договор и понатаму создаваат предизвици во комуникацијата создадени од географската одредница „северна“ пред името на државата Македонија. Најнови примери за „северизирање“ на македонскиот идентитет во соопштение на Министерството за правда на САД , кое се однесува на примената на програмата за за автоматизирано таргетирање ИЦИТАП – Глобал (АТС-Г)  (ICITAP -Global (ATS-G)) и соработката со македонската Единица за информации за патници (ЕИП), која во текстот се нарекува „северномакедонска“.

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе такви примери на употребата на измислената придавка „северномакедонски“ постојат на официјалната веб-страница на француското министерство за надворешни работи.

Кога беше потпишан Преспанскиот договор со Грција, како аргумент за неговата „генијалност“ се наведуваше дека и покрај промената на името на државата со додавката „северна“, идентитетот на Македонците останува „македонски“, односно придавките што произлегуваат од македонскиот идентитет, остануваат – македонски. Но во практиката, и сè почесто и без реакција од македонските авторитети минува употребата на придавката „северномакедонски“. На веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и понатаму стои упатството за медиуми, како да се применува новото име на државата во граматичките конструкции, но се чини дека ретко кој го пребарува и чита тоа упатство.

Сепак, македонското МНР треба да реагира на оваа несоодветна употреба (дури и според Преспанскиот договор) на придавката „северномакедонски“, која не постои ниту според граматичките правила, ниту според политичките договори.

„Од 9 декември до 11 декември, шест членови на Единицата за информации за патници во Северна Македонија (ЕИП) беа поканети во Националниот центар за таргетирање при Царината и граничната заштита на САД (ЦБП), каде што можеа да работат заеднички за да ја продолжат употребата на автоматизирани системи за таргетирање . Програмата за автоматизирано  ИЦИТАП – Глобал (АТС-Г)  (ICITAP -Global (ATS-G) работеше на градење и зајакнување на врските помеѓу ЦБП и меѓународните партнери во поддршка на континуираните кооперативни напори за подобрување на програмите за борба против тероризмот, заедно со обезбедување на настани и логистичка поддршка. Оваа размена на идеи и практики во дискусија на отворен форум овозможи ‘северномакедонската ЕИП’ да ги сподели ажурирањата на правилата за таргетирање во Северна Македонија и овозможи повратна информација од ЦПБ и планирање за иднината на автоматизираното таргетирање во регионот за борба против тероризмот и други прекугранични криминални прашања. ПИУ исто така можеше да се сретне со раководството на ИЦИТАП (ICITAP) за да разговара за постигнувањата на програмата АТС-Г (ATS-G) на ПИУ (PIU) и идните области на раст. Оваа програма за асоцијација е поддржана од Бирото за контратероризам на Стејт департментот на САД  имплементирана од ИЦИТАП (ICITAP) и ЦБП (CBP)“, се вели во соопштението на американското министерство за правда.

Уште еден пример за несоодветна употреба на непостојната придавка „северномакедонски“ може да се пронајде на официјалната веб-страница на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција. Во делот за активностите на француската дипломатија во градењето на односите со Македонија, се наведува дека се „добри и стабилни“, а уште една потврда за тоа е средбата меѓу “претседателот на Француската Република и северномакедонскиот премиер“. Понатаму во истиот текст, македонската заедница во Франција се именува како „северномакеоднска“, а Македонците во Македонија „словенските Македонци“.

„Франција и Северна Македонија уживаат добри, стабилни билатерални политички односи, при што средбата меѓу претседателот на Француската Република и северномакедонскиот премиер во јуни 2021 година обезбеди дополнителен позитивен моментум.

Франција одигра клучна улога во кризата во 2001 година помагајќи да се преговара за Охридскиот рамковен договор, кој стави крај на судирите меѓу заедниците (меѓу словенските Македонци и Албанците), со двајца специјални претставници на Европската Унија, г. Франсоа Леотар, а потоа и г. Ален Ле Рој.

Франција ги поддржува европските перспективи на Северна Македонија и јавно го поддржа спроведувањето на Договорот од Преспа во неколку наврати во 2018 и 2019 година, вклучително и преку видеопорака од претседателот на Француската Република, на 22 септември 2018 година. За време на посетата на Зоран Заев во јуни 2021 година претседателот на Француската Република ја повтори „историската“ природа на договорот и „големата политичка храброст“ што беше неопходна за да се постигне тоа.

На 15 и 16 ноември 2022 година, државната министерка за Европа, Лоренс Бун, отпатува за Албанија и Северна Македонија, каде што се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.

Француско присуство

Француска заедница: 243 во регистарот на Французи кои живеат во странство

Северномакедонска заедница во Франција: 3.343 лица (2015) “, се опишуваат билатералните македонско-француски односи на веб-страницата на француското министерство за надворешни работи.

Ако од Грција и од другите меѓународни поддржувачи на асиметричниот Преспански договор се бара Македонија да го почитува во сите негови одредби, секако дека и оние што тоа го бараат треба да го почитуваат доследно односниот договор кога станува збор и за македонскиот идентитет.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ