сабота, 27 јули 2024

Севернокорејскиот лидер Ким се повози со луксузна лимузина, подарок од Путин (ВИДЕО)

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се провозе во луксузната руска лимузина што му ја подари претседателот Владимир Путин, изјави денеска сестрата на Ким, пофалувајќи ги „специјалните функции“ на автомобилот и укажувајќи на сеопфатното продлабочување на врските меѓу двете земји.

Објавено на

часот

Сподели

Во февруари, Путин му испрати на Ким подарок, лимузина аурус сенат, која му ја покажа на севернокорејскиот лидер кога се сретнаа на самитот во Русија во септември минатата година.

Во изјавата пренесена од државните медиуми, сестрата на Ким и висока функционерка Ким Јо Џонг рече дека нејзиниот брат првпат ја користел лимузината за време на настан во петокот.

„Специјалната функција на ‘приватното’ возило е совршена. Ким Џонговата употреба на приватниот автомобил испратен од претседателот на Руската Федерација како подарок е јасен доказ за севернокорејско-руското пријателство, кое се развива на сеопфатен начин и на ново високо ниво“, напиша таа.

Севернокорејските медиуми објавија дека Ким Џонг Ун вчера присуствувал на вежба на војници што изведувале обука за падобран.

Набљудувачите наведуваат дека оваа пратка ја прекршила резолуцијата на ОН чија цел е да се забрани испораката на луксузни предмети во Северна Кореја за да се изврши притисок врз неа да се откаже од својата програма за нуклеарно оружје.

Според руските државни медиуми, аурус е водечки бренд за луксузни возила во Русија и го користат највисоките функционери. Путин првпат ја искористи лимузината аурус за време на церемонијата на инаугурација во 2018 година.

40-годишниот Ким Џонг Ун има колекција луксузни автомобили од странско производство за кои се верува дека биле прошверцувани во Северна Кореја.

За време на посетата на Русија, тој отпатувал до самото место за средба со лимузина мерцедес-бенц мајбах, која била превезувана во еден од вагоните на неговиот специјален воз што го користел за да ја посети Русија. Според извештаите, другите лимузини што ги користи се мерцедес мајбах С600 пулман гард и мајбах С62.

Во текот на изминатата година, Северна Кореја и Русија значително ја зголемија воената и друга соработка додека се соочени со одвоени конфликти со Западот, Северна Кореја околу развојот на нејзината нуклеарна програма, а Русија поради нејзината инвазија на Украина во 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ