сабота, 27 јули 2024

Северна Кореја неуспешно лансираше шпионски сателит

Северна Кореја вчера се обиде да лансира нов воен извидувачки сателит, но обидот не успеа, а потегот наиде на осуда од Јужна Кореја, Јапонија и САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Јужна Кореја објави видео за кое нејзината војска тврди дека го покажува неуспешниот обид за лансирање. Едноминутното црно-бело видео објавено од воениот штаб на Јужна Кореја покажува експлозија на небото проследена со блесоци. Видеото е снимено со уред за надзор на јужнокорејски патролен брод.

Северна Кореја во понеделникот соопшти дека нејзиниот последен обид да лансира нов воен извидувачки сателит не успеал при летот. Првичните анализи покажаа дека причината е ново развиениот ракетен мотор на течно гориво, но се истражуваат и други можни причини, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.

Обидот дојде само неколку часа откако Пјонгјанг издаде предупредување дека ќе се обиде да лансира сателит до 4 јуни, кој ќе биде негов втор шпионски сателит во орбитата.

Јужнокорејските и американските власти веруваат дека проектилот експлодирал откако летал неколку минути, а воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека открила голема количина ракетни остатоци во морето само две минути по лансирањето.

Објектот лансиран од Северна Кореја исчезна над Жолтото Море, изјави за новинарите шефот на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши. Тој ја обвини Северна Кореја дека со лансирањето ги прекршила резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Соединетите Држави го осудија лансирањето, „кое вклучува технологии директно поврзани со програмата за балистички ракети на КНДР (Демократска Народна Република Кореја) и е во спротивност со повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Лансирањето дојде неколку часа откако Кина, Јужна Кореја и Јапонија го заклучија трилатералниот самит во Сеул, забележува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ