вторник, 23 април 2024

Северна Кореја тестираше „супер големи“ ракетни фрлачи

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун надгледуваше вежби за гаѓање на артилериските единици во западниот регион, а во вежбите беа вклучени и „ново опремени супер големи“ ракетни повеќецевни фрлачи, објави државниот медиум КЦНА, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вежбите следат еден ден откако Јужна Кореја и Јапонија објавија дека Северна Кореја лансирала неколку балистички проектили со краток дострел во морето, што е прв таков тест за околу два месеци.

Ким ги надгледуваше вежбите во понеделникот кои имаа за цел тестирање на „вистинските воени способности“ на повеќецевните ракетни фрлачи од 600 милиметри и подобрување на борбениот морал и готовноста на операторите, соопшти КЦНА.

Вежбите вклучуваа и симулирање на воздушна експлозија на гранати од супер голем повеќецевен ракетен фрлач на претходно поставена алтитуда над целта, се додава.

Единицата „целосно ја покажа својата одлична артилериска стрелба, брза и темелна борбена готовност“ во извршувањето на ненадејна борбена мисија, наведе КЦНА.

Ким повика на модернизација и зголемување на артилериските сили, истакнувајќи ги „стратешките задачи“ на ракетните фрлачи од 600 милиметри како централни ударни средства во воените подготовки.

„Деструктивните офанзивни средства што ги поседува нашата војска треба потемелно да ги исполнат своите мисии за блокирање и потиснување на можноста за војна со постојана совршена подготвеност да се сруши главниот град на непријателот и структурата на неговите воени сили“, им рече Ким на војниците, според КЦНА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ