сабота, 27 јули 2024

Северна Кореја објави фотографија: Првпат лансиравме нов стратегиски проектил

Северна Кореја соопшти денес дека за првпат ја тестирала новата крстосувачка ракета „пулхвасал-3-31“ како дел од своите „редовни и задолжителни“ активности за развој и надградба на оружените системи. Проектилот е во моментов во развој и пробното лансирање немало влијание на безбедноста на соседните земји, наведува Корејската централна новинска агенција (КЦНА), додавајќи дека тоа „немало никаква врска“ со регионалната ситуација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Пробното лансирање е процес на постојано ажурирање на оружените системи и задолжителна активност на Генералното биро за проектили и неговите сродни одбранбени научни институти“, наведе КЦНА не наведувајќи детали за проектилот.

Војската на Јужна Кореја соопшти вчера дека регистрирала лансирање на неколку севернокорејски крстосувачки проектили кон Жолто Море околу 7 часот. Јужнокорејскиот генералштаб соопшти дека верува дека со лансирањето е надградена способноста на постоечките проектили.

Ова е прво познато севернокорејско лансирање на проектил од септември 2023, кога таа земја пробно испука две стратегиски крстосувачки ракети со долг дострел со лажни нуклеарни боеви глави кон Жолто Море.

Крстосувачките ракети летаат ниско и маневрираат, со што можат да избегнуваат противвоздушна одбрана. Минатата година Северна Кореја ги лансираше стратегиските крстосувачки ракети „хвасал-1“ и „хвасал-2“ за кои се претпоставува дека можат да носат тактичко нуклеарно оружје. Хвасал на корејски значи стрела.

Лансирањето на крстосувачкиот проектил не е директно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации со кои се забранува користење на технологијата на балистички проектили од страна на Пјонгјанг. Но тоа би можело да претставува сериозна закана за безбедноста на околните земји бидејќи таквите ракети можат да носат нуклеарни боеви глави.

Пјонгјанг тврди дека минатата недела лансирал подводен нуклеарен дрон во знак на протест поради најновите воени вежби на Јужна Кореја, Соединетите Американски Држави и Јапонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ