петок, 18 октомври 2024

Северна Кореја најави трајна блокада на границата со Јужна Кореја

Северна Кореја соопшти дека трајно ќе ја блокира својата граница со Јужна Кореја и ќе ја зајакне граничната одбрана за да се спротивстави на, како што вели, „агресивната хистерија“ на јужнокорејските и американските сили, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Севернокорејската војска денеска соопшти дека „целосно ќе ги прекине патиштата и железничките пруги“ поврзани со Јужна Кореја и ќе ги зајакне релевантните области на севернокорејската страна со силни одбранбени структури, пренесе агенцијата.

Тие потези изгледаат како тактика на притисок, но не е јасно како ќе влијаат на односите со Јужна Кореја, бидејќи прекуграничните патувања и размени се суспендирани веќе со години, пишува агенцијата АП.

Севернокорејската војска соопшти дека се работи за мерки на самоодбрана, за спречување војна и одбрана на безбедноста на земјата. Војската рече дека „непријателските сили стануваат сè поневнимателни во својата агресивна хистерија“, наведувајќи ги различните воени вежби во Јужна Кореја, распоредувањето на американска стратешка опрема и острата реторика на ривалите.

Јужнокорејските власти претходно соопштија дека Северна Кореја веќе почнала да додава противтенковски бариери и да ги зајакнува патиштата на својата страна од границата од април, обидувајќи се да ги зајакне своите гранични позиции и да ги спречи нејзините војници и граѓани да пребегаат на југ.

КЦНА јави дека на седницата на Националното собрание, која заврши во вторникот, е именуван новиот министер за одбрана Но Кванг Чол, пренесува агенцијата Франс прес.

Генералот веќе беше министер за одбрана помеѓу 2018 и 2019 година и го заменува Канг Сун Нам, соопшти КЦНА, без дополнителни детали.

КЦНА не соопшти дали наредбата на лидерот Ким Џонг Ун во јануари за измена на уставот и отстранување на наведената цел за мирно обединување на двете Кореи, официјално означувајќи ја Јужна Кореја како „неприкосновен главен непријател“ на Северна Кореја била дискутирана на дводневната седница на собранието. Претходно оваа година, Ким Џонг Ун нареди укинување на одредбите во уставот поврзани со обединувањето на Кореја и ги распушти агенциите задолжени за подобрување на врските со Јужна Кореја.

КЦНА не го спомена укинувањето на тие одредби од Уставот на седницата на парламентот што заврши вчера.

Уште повеќе, оваа недела Ким Џонг Ун рече дека Пјонгјанг „нема намера да ја нападне Република Кореја“, (официјалното име на Јужна Кореја), што некои аналитичари го толкуваат како омекнување на неговата реторика, според агенцијата Франс прес.

Некои експерти велат дека Северна Кореја можеби само ја одложила измената на уставот, додека други шпекулираат дека навистина го изменила уставот, но не го објавила поради чувствителноста на темата. Некои сметаат дека е можно да се чекаат резултатите од американските избори во ноември, пред да дојде до промена на односот кон Сеул, сојузникот на Вашингтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ