Северна Кореја влезе во целосна блокада за време на пандемијата на коронавирус на почетокот на 2020 година, со олеснување на мерките кои започнаа во средината на 2023 година. Во 2024 година ги отвори своите граници за посетители од Русија, но дури минатиот месец им дозволи на западните туристи да влезат во далечниот источен град Расон.
Сепак, неколку туристички агенции сега наведуваат дека патувањата во затворената земја се откажани до понатамошно известување. Пјонгјанг не наведе причина за оваа ненадејна суспензија.
„Штотуку добивме вест од нашите корејски партнери дека Расон е затворен за сите. Ќе ве информираме дополнително“, објави вчера на Фејсбук кинеската агенција КТГ Турс, специјализирана за турнеи низ Северна Кореја.
Прекин на турнеите најавија и Јанг пајонир турс и Корио турс. Јанг пајонир турс на Фејсбук ги предупреди сите кои планираат патувања во април и мај да не купуваат авионски билети додека не добијат повеќе информации.
Првите западни туристи почнаа да пристигнуваат во Расон на 20 февруари, град кој Северна Кореја го прогласи за специјална економска зона за тестирање на новите финансиски политики.
Туристичките водичи за Би-би-си изјавија дека движењата на посетителите биле уште построго ограничени отколку пред пандемијата, со помалку можности да шетаат низ градот и да разговараат со локалното население. Во таа затворена земја, исто така, немало достапни телефонски сигнали или интернет конекции.
Еден водич рече дека верува дека Расон е избран за туристи бидејќи областа е релативно затворена и е лесна за следење. Претходно оваа недела, Корио турс објави дека повторно прифаќа меѓународни апликации за маратонот во Пјонгјанг, за прв пат по пет години.
Трката беше планирана за 6 април, но сега не е јасно дали апликациите сè уште ќе се обработат. Според извештаите на медиумите, Северна Кореја имала околу 350.000 странски туристи во 2019 година, од кои 90% биле Кинези.