четврток, 19 септември 2024

Северна Кореја истрела балистички ракети по втор пат за една недела

Северна Кореја денеска истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон својот источен брег, соопштија Јужна Кореја и Јапонија, неколку дена откако Пјонгјанг откри постројка за збогатување ураниум и вети дека ќе го зајакне својот нуклеарен арсенал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ракетите биле лансирани од Каечон, северно од главниот град Пјонгјанг, околу 6:50 часот по локално време во североисточен правец и прелетале околу 400 километри, изјави началникот на Јужнокорејскиот здружен штаб (ЈЦС), без да прецизира колку се испукани или каде паднале.

„Силно го осудуваме севернокорејското лансирање ракети како јасна провокација која сериозно ги загрозува мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров“, се вели во соопштението на ЈЦС, ветувајќи силен одговор на какви било дополнителни провокации.

Околу 30 минути по првото известување за ракетата, јапонската крајбрежна стража соопшти дека Северна Кореја истрелала уште една балистичка ракета. Јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара рече дека најмалку една од ракетите паднала во близина на источниот брег на копното на Северна Кореја и дека лансирањата „не можат да се толерираат“.

Американската Индо-пацифичка команда на Икс рече дека знаела за лансирањето и дека тесно се консултира со Сеул и Токио.

Северна Кореја минатиот четврток истрела неколку балистички ракети со краток дострел, што е прво такво лансирање во повеќе од два месеци. Јужнокорејскиот ЈЦС соопшти дека лансирањето можеби било тест на оружје за извоз во Русија, во услови на интензивирање на воената соработка меѓу двете земји.

САД, Јужна Кореја и Украина, меѓу другите земји, го обвинија Пјонгјанг дека ѝ доставува ракети и проектили на Москва за употреба во војната во Украина, во замена за економска и друга воена помош.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ