сабота, 27 јули 2024

Северна Кореја испука балистички проектил кон Источно Кинеско Море

Северна Кореја испука денес балистички проектил од својот источен брег, неколку дена по артилериските вежби со боева муниција кои Пјонгјанг ги одржа во близина на поморската граница со Јужна Кореја, соопшти Сеул.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Северна Кореја испука неидентификуван балистички проектил кон Источно Море“, кажа во соопштението началникот на генералштабот на Јужна Кореја. Во средата севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја опиша Јужна Кореја како „главен непријател на земјата“.

Јапонската крајбрежна стража кажа дека станува збор за „објект, потенцијално балистички проектил, лансиран од Северна Кореја“, повикувајќи се на информации на министерството за одбрана на таа земја, и побара од бродовите да бидат внимателни. Последната ракета која Северна Кореја ја лансираше на 18 декември беше ракета од класата „хвасонг-18“, најнапредната што ја има, и беше испукана во Јапонско Море.

„Конечно дојде историскиот момент кога Јужна Кореја треба да ја дефинираме како држава која е најмногу непријателски расположена кон Северна Кореја“, кажа Ким, нарекувајќи ја Јужна Кореја „главен непријател“.

Минатата година Северна Кореја статусот на нуклеарна сила го впиша во својот устав и испука неколку интерконтинентални балистички проектили, кршејќи ги резолуциите на Обединетите нации. Тензиите на Корејскиот полуостров растат откако Пјонгјанг во ноември го лансираше својот прв воен шпионски сателит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ