сабота, 27 јули 2024

Северен тек поради експлозиите на гасоводот бара 400 милиони долари од осигурувачите

Конзорциумот Северен тек бара од своите осигурувачи повеќе од 400 милиони долари поради експлозиите кои тешко ги оштетија двата крака на гасоводот во Балтичко Море во 2022 година и оневозможија испораки на руски гас во Германија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во тужбата поднесена во февруари до Високиот суд во Лондон, конзорциумот ги тужи Лојд иншуренс компани и Арч иншуренс, кои го осигуриле проектот под морето.

Компанијата со седиште во Швајцарија го потврдила договорниот спор со осигурувачите на системот гасоводи пред трговските судови во Лондон.

„Но, молиме за разбирање што не можеме детално да ја коментираме правната постапка“, соопштил комуникацискиот тим на Северен тек.

Според судските документи, компанијата во моментов прелиминарно ги проценува „трошоците за испумпување на водата и стабилизација на гасоводот, целосна поправка и замена на изгубениот гас“ на 1,2 милијарди до 1,35 милијарди евра.

Во тужбата се наведува и дека гасоводот на местото на оштетување изгледа „целосно уништено и деформирано“, но и „мазно и пресечено“ на друг дел.

Лојд одбил да ја коментира тужбата за Ројтерс, додека Арч не одговорил веднаш на барањето за коментар.

Конзорциумот Северен тек е сопственик на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2. Северен тек 1 имаше две цевки преку кои се испорачуваше руски гас во Германија од 2011 односно 2012 година со вкупен транспортен капацитет од 50 милијарди кубни метри годишно.

Гасоводот Северен тек 2 требаше да ги удвои испораките и беше завршен пред крајот на 2021. Германските власти во повеќе наврати го одложуваа издавањето на дозволите за почеток со работа, а проектот беше суспендиран по почетокот на војната во Украина.

Седиштето на конзорциумот е во Швајцарија, а негови членови се руската компанија Газпром, со 51 отсто, и германските енергетски компании Винтершел и ЕОН, француски Анжи и холандски Гасуни.

По експлозиите во септември 2022 постои сомнеж во саботажа зад која стои „државен актер“. Шведска, Данска и Германија отворија истрага за да се утврди виновникот. Во февруари Стокхолм и Копенхаген објавија дека истрагата е заклучена и ѝ ги проследија наодите на Германија.

Германија одбива да ги објави резултатите од истрагата, повикувајќи се на националната безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ