недела, 19 јануари 2025

Сеул: Судот што му го продолжи притворот на јужнокорејскиот претседател беше нападнат од приврзаниците на претседателот (ВИДЕО)

Судот во Сеул кој најави продолжување на притворот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол, рано утринава беше нападнат од приврзаници на претседателот, кој е отповикан од функцијата и уапсен поради обид за воведување вонредна состојба.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

По објавата на судот рано утринава за одлуката Јун да остане во притвор уште 20 дена, десетици илјади демонстранти кои од вчера се собраа пред судот беа бесни.

Поддржувачите на конзервативниот лидер кршеа прозорци и влезови и упаднаа во судот.

Новинарите на агенцијата Франс прес пренесуваат дека стотици полицајци брзаат кон судот за да ги избркаат разбеснетите поддржувачи на Јун, додека полицијата соопшти дека за време на тој „неприфатлив, незаконски и насилен инцидент“ се уапсени десетици лица.

Нападот на седиштето на судот е без преседан во историјата на Јужна Кореја, изјави за Франс прес адвокатот и политички коментатор Јо Јунг-Хон.

Судот рече дека неговата одлука за продолжување на притворот на претседателот била донесена поради страв дека Јун Сук-Јеол би можел да уништи докази.

Јун Сук-Јеол е под повеќекратни истраги, вклучително и за „бунт“, и е обвинет дека ја разниша демократијата во земјата кога ненадејно прогласи вонредна состојба на 3 декември. Тогаш набргу во Собранието, опкружен со војници, доволен број пратеници ја поништија неговата одлука.

Јун беше суспендиран кога Парламентот усвои предлог за негово отповикување во средината на декември, и беше уапсен во средата. Одлуката дали неговиот импичмент официјално ќе биде спроведен ја носи Уставниот суд.

Потегот на Јеол да прогласи краткорочна вонредна состојба ја втурна земјата во политички хаос, а денешните насилни настани означуваат нова фаза од таа длабока криза.

Одлуката на судот за продолжување на притворот им дава време на обвинителите да го обвинат отповиканиот шеф на државата за кривично дело казниво со смрт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ