среда, 22 јануари 2025

СЕММ: Добиваме сѐ повеќе лажни жалби против медиумите, се користат и имиња на институции

За една третина се намалиле жалбите до Комисијата за жалбите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), или во 2024 година пристигнале вкупно 84, беше истакнато на денешната прес-конференција на СЕММ. Претседателката на СЕММ, Билјана Георгиевска рече дека бројките покажуваат оти помалку граѓани во 2024 година имале порив да поднесат жалба до комисијата за жалби при СЕММ за несоодветни содржини во медиумите.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

„Бројките покажуваат дека најголем дел од жалбите се однесуваат на онлајн медиумите, колку и да се лутат сопствениците на онлјан медиумите. Бројките покажуваат дека и понатаму најголем предизвик за новинарите претставува членот број 1 од Кодексот на новинарите на Македонија, односно точно, балансирано и проверено известување, информации и факти, проверени од што е можно повеќе страни, најмалку уште една или какошто велиме втората страна“, вели Георгиевска.

Таа истакна дека на второ место е прекршувањето на членот 10, односно ширење на говор на омраза.

„Тоа не значи дека колегите во медиумите пишуваат содржини во своите текстови, кои можат да се толкуваат како говор на омраза. Туку не секогаш ги модерираат коментарите на социјалните мрежи, што е еден од проблемите кој се провлекува неколку години“, рече Георгиевска.

Претседателката на Комисијата за жалби при СЕММ, Снежана Трпевска смета дека бројките на жалби кои пристигнале до нив не е одраз на реалната состојба, но сепак е индикација за видовите на прекршување што најчесто ги прават медиумите.

„Од вкупниот примен број на жалби за 25 не сме започнале постапка, бидејќи за дел не сме биле надлежни како комисија, а за некои други жалби подносителот во дополнителната проверка не ја потврдил жалбата, или се предомислил. Но, во секој случај 25 жалби дополнително пристигнале до Комисијата. Значи Комисијата започнала постапка за вкупно 59 жалби, од кои пет завршиле со помирување меѓу жалителот и медиумот, а во 21 жалба утврдила дека нема прекршување, во 33 медиумите направиле едно или повеќе прекршувања на Кодексот или на насоките за етичко известување“, изјави Трпевска.

Посочува дека во 56 отсто од жалбите, односно предметите имаат утврдено некакво прекршување, доминираат онлајн медиумите, а телевизиите и радијата кои се подложни на законска регулација се повеќе свесни за можните прекршувања и затоа и помалку ги прават. Во 2024 година има повеќе жалби од носителите на јавни фукнции, а повеќе жалби се од локалната власт во Скопје.

Претседателката на СЕММ, Георгиевска рече дека новинарите во овие случаи велат дека немаат навремени информации од локалната власт.

„Кога постои нерамнотежа можеби повнимателно треба да ги следиме овие случаи и да видиме каков тек ќе имаат. Има уште нешто необично оваа година добиваме сѐ повеќе лажни жалби од лица кои лажно се претставуваат, ги користат дури и јавните институции со високо значење, како МАНУ, како Уставниот суд, сега имаме од наводно највисоката позиција во државата. Меѓутоа ние сѐ уште не знаеме како тоа да го решиме, како да постапуваме. Јасно е дека некој го злоупотребува Советот за етика можеби за некои свои цели. Во иднина ќе се обидеме да побараме помош и да утврдиме од каде потекнуваат овие лажни пријави“, рече Георгиевска.

Леунора Калиќи претседателка на Управниот одбор на СЕММ истакна дека треба новинарската фела да биде горда на ова тело, како и на работата на Комисијата за жалби при СЕММ и на сите кои го подржуваат процесот на саморегулацијата.

„Како новинарска фела покажуваме дека сме способни да бидеме самокритични, што е основа за кредибилитет и интегритет во нашата работа, да се биде самокритечен е да се препознае одговорноста кон јавноста, но и да се демонстрира и посветеност кон професионалните и етички стандарди. Статистиките коишто ќе ги презентираме денеска не се само бројки, тие се индикатор на тоа како работи, како дејствува и каков е медиумскиот пејзаж во нашата земја“, вели Калиќи.

Таа истакна дека сепак бројките на официјални поплаки не ја опишуваат реалната слика на терен, бидејќи дел од прекршувањата не се и официјално регистрирани. Калиќи смета дека намалениот број на поплаки може да се објаснат со активностите околу изборниот процес и другите општествени процеси. Но, какошто вели медиумите не остануваат рамнодушни на одлуките на Комисијата за жалби, а едно од жалбите на СЕММ е решавање на одлуките преку медијација,  а која е какошто вели важен инструмент за корекција и соработка наместо за конфротација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ