четврток, 24 октомври 2024
По бегството од Македонија

Семејството на Рамадани бара од косовските власти тој да нe биде вратен во Македонијa

Семејството на Блерим Рамадани, кој беше баран од Србија, а избега на Косово од домашен притвор во Скопје, ги повика властите во Приштина тој да биде вратен во Македонија, имајќи предвид дека сега од македонските власти е распишана централна потерница, јавуваат некои косовски медиуми.

Објавено на

часот

Сподели

Многу се израдувавме што Блерим се врати дома овде во Урошевац (Феризај), но се плашиме како ќе постапат нашите власти, изјавија членови на семејството.

Какви мерки ќе бидат преземени по однос на прашањето на Блерим Рамадани? Вакво прашање упати Коха.нет до косовското Министерство за правда, но медиумот не добил никаков одговор.

Косовски медиуми побарале и изјава од самиот Рамадани, но тој одбил да каже што било, само кажал дека изјава ќе даде кога за тоа ќе се создадат услови.

Неговиот адвокат Аријанит Кочи вчера изјавил дека правниот процес по однос на Рамадани треба да продолжи со изјаснување на судот на Косово.

„Косово нема го екстрадира својот државјанин. Косово може да ги побара од Македонија сите документи, да го анализира случајот, да започне постапка и да одржи судење. Убеден сум дека дури и да има судење во Косово, Блерими ќе биде прогласен за невин“, рече Кочи.

Долж улицата во близина на куќата на поранешниот припадник на косовското УЧК, Блерим Рамадани, вчера имало многу натписи со негова фотографија и текст: „Те чекаме ослободителу“.

Рамадани се врати на Косово, откако во четвртокот избега од домашен притвор издржуван кај роднини во населбата Чаир во Скопје, мерка што му ја изрече судија од скопскиот суд. Тој наводно разбрал дека е донесена нова мерка – враќање во затворски притвор.

Блерим Рамадани беше уапсен на граничниот премин Јажинце на 17 јули, врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија, која го бара за да му се суди поради, како што е осомничен, извршени злосторства врз Срби на Косово.

По неговото бегство од домашен притвор случајот во Македонија се претвори во голем скандал, со партиски препукувања и разни правни толкувања, додека официјална Србија реагираше остро оценувајќи дека станува збор за скандалозен случај.

„Се работи за припадник на терористичката ОВК кој извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби тоа им е дозволено и простено“, рече министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

Македонскиот Судски совет одлучи да формира специјална комисија за овој случај и да утврди евентуална одговорност како за бегството така и за судските одлуки. Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.

Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката притвор за Рамадани ја преиначил во домашен притвор, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани и доколку се утврди одговорност на судијата, тој да биде разрешен.

Во меѓувреме, од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница „за лицето Б.Р.“ бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, велат од МВР.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ