недела, 19 мај 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Семантичка коректност

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Како што веќе известивме, Апсурдистан беше лидер во регионот и пошироко кога станвува збор за правата на животните. Така, на пример, апсурдистанските улични кучиња имаа законски загарантирано право да ги касаат граѓаните на Апсурдистан кога и каде ќе стигнат. Или, како што тоа правно-политички коректно беше формулирано: право да стапуваат во рамноправна и пропорционална интеракција со граѓаните на Апсурдистан.

Меѓутоа, граѓанинот Шљупков сепак не беше задоволен од степенот на правата кои ги уживаа животните во Апсурдистан. Поточно, граѓанинот Шљупков не беше задоволен од севкупната семантичка писменост на граѓаните на Апсурдистан, кои ги користеа животинските имиња во погрдна функција. Затоа, Шљупков основа здружение за семантичка писменост и коректност. Во прилог некои од ставките на ова здружение:

– Изразот „волу ниеден!“ да се замени со изразот „политичару ниеден!“.

– Изразот „говедо низаедно!“ да се замени со изразот „пратенику низаеден!“.

– Изразот „свињо една!“ да се замени со изразот „функционеру еден!“.

– Изразот „стоко некоја!“ да се замени со  „претседателу некој!“.

– Изразот „море што куче си ти!“ со „море што министер си ти!“.

– Изразот „папала лиса кокошка“ со „лапнал директор провизија!“.

– Иразот „се инаетиш како магаре на мост!“ со „се инаетиш како премиер пред избори!“.

– Изразот „како волк во трло“ со „како премиер со апанажа!“.

– Изразот „што си се раскокодакал!“ со „ај не вреви ко експерт во дебатна!“.

– Изразот „блееш како теле пред шарена врата!“ со изразот „бладаш како грантист пред шарена револуција!“.

– Изразот „лисицо ниедна!“ останува во употреба додека не се најде во Апсурдистан двоножник достоен на паметот и итрината на лисицата.

– По потреба да се користи и женски, односно машки род соодветно, заради правична родова застапеност.

Апсурдистанските градски песови први го поддржаа предлогот со едногласно завивање.

Следниот ден медиумите објавија дека Мурџо Р. и Шарко Л., обајцата касапски песови во пензија, беа каснати од засега неидентификувани технички министри.

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (2)

Сефер Тахири

Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: улогата на Албанците во изборот на...

Наташа Јовановиќ Мартинс

Зурли и тапани за Македонија

Зоран Дабиќ

Политичка мизогинија

Рајко Пеколски

Патриотизмот и егоизмот

Јовица Тасевски-Етернијан

За употребата на термините „Македонија“ и „македонски“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ