вторник, 22 октомври 2024

Семакедонска средба во Трново, Македонците да се вратат во Македонија

Во потпелистерското село Трново по повод празникот Илинден и Денот на Републиката денеска се одржа 53. семакедонска средба „Трново 2024“ на која присуствуваа Македонци од сите делови на државата и од дијаспората.

Објавено на

часот

Сподели

Организатори на оваа средба се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Присутните гости и организаторите, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:

„Во име на културата, традицијата, меѓусебното почитување и зајакнувањето на нашите врски на соработка и разбирање за заеднички напредок и годинава на големиот празник Илинден, ја имаме можноста заедно со нашите пријатели и иселеници од сите краеви на светот, заедно да празнуваме на ова прекрасно место, во дворот на македонската црква Успение на Пресвета Богородица во потпелистерското село Трново.

Овие денови Битола живее со колоритот на светот, за што посебно радува големата посетеност на Илинденски денови како дел од Битолското културно лето, посебно посетеноста од нашите сограѓани кои се наоѓаат во странство, а летниот период го користат за посета на својата родна земја. Посакувам добредојде на сите битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа семакедонска средба.

Општина Битола ја продолжува меѓународната и меѓуграничната стопанска и културна соработка со Република Грција и Република Албанија, како важни компоненти на развојот во општината и во Република Македонија“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

Академик Катица Ќулафкова пред присутните истакна дека Македонија има право на успех, а Македонците право на среќа.

„Илинденското востание е трагична кулминација на идејата дека Македонија треба да биде обединета и самостојна, но, и чин на политичка легитимација на македонската национална кауза. Македонија е територија, но, и народ, држава, но, и регион. Се додека трае нејзиното име, ќе трае и името на народот. Македонија никаде не оди. А Македонците си одат. Затоа, треба да се вратат. А ќе се вратат кога Македонија ќе биде просперитетна држава и кога меѓународните институции ќе и ги признаат неотповикливо правата кои ѝ следат според универзалните конвенции“, истакна академик Катица Ќулафкова.

На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа пред присутните во име на Владата истакна дека во оваа семакедонска средба има многу измешани чувства на оние коишто се останати тука, во своите огништа и на оние што заминале и се враќаат во родната грутка да се видат со своите најмили и да се вратат онаму каде што припаѓаат и секогаш се тука со срцето.

„Тука е Македонија за сите. Секој ја сака Македонија на свој начин и секој на свој начин треба да настојуваме она што нашите претци во далечната 1903 година и 1944 година и сите потоа го создале и изградиле и оставиле на идните генерации. Во името на Владата можам да кажам дека подеднакво ќе се грижиме за сите каде и да сте. Пред нас е испитот на кој треба да положиме, а неговата тежина е огромна оти имаме одговорност пред сите вас во Трново, Крушево, Скопје, Битола, САД, Австралија, Европа и секаде да направиме посветла иднина и подобри можности за сите“, рече министерката.

„Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија нè има, без Македонија сите заедно ќе нè снема! Затоа, организаторите повикуваат на семакедонското помирување и обединување, бидејќи во единството е силата за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на народот македонски“, наведува Матицата на иселениците.

Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и претседател на друштвото „Сонце“ Васил Стерјовски рече дека Илинден е симбол на нашиот колективен дух, доказ за нашата посветеност на слободата и олицетворение на нашето културно наследство.

„Токму на овој ден, пред повеќе од еден век, нашите предци ги поттикнаа ветровите на бунтот, сонувајќи за татковина во која слободата не беше привилегија, туку основно право. Иако востанието беше брутално задушено, духот на Илинден остана жив и продолжи да гори како светилник на нашиот национален идентитет“, рече во обраќањето Стерјовски.

Тој порача дека Илинден има посебно значење и за Македонците во Албанија, додавајќи дека македонските села во Албанија активно учествувале во подготовките за општомакедонското востание, а и во „Втората светска војна, Македонците од Албанија се приклучиле на партизанските движења и помогнале во ослободувањето на Македонија и Албанија од наци-фашизмот“.

Тој потсети уште еднаш дека МАЕИ ги отфрла прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија мината година, поради фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија пред и за време на пописот на населението во Албанија.

„И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институциите на власта на Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што од Албанската влада не презедоа мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија“, рече тој.

„Ние, Македонците во Албанија сме нераскинлив дел од македонската нација, без разлика на границите. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден! Да живее македонскиот народ“, посака Стерјовски завршувајќи го обраќањето во Трново.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ