сабота, 27 јули 2024

Сем Алтман: АГИ ќе биде најмоќната технологија во историјата на човештвото

Ако 2023 година беше годината во која вештачката интелигенција стана вообичаена тема за секојдневен разговор, тоа во голема мера се должи на Сем Алтман, извршниот директор на компанијата за истражување на вештачката интелигенција ОпенАИ.

Објавено на

часот

Сподели

Алтман, кој оваа година беше прогласен за директор на годината од страна на магазинот Тајм, за своето отпуштање во ноември, како и за експресното враќање во ОпенАИ, за тоа како вештачката интелигенција се заканува да придонесе кон дезинформациите и идниот потенцијал на технологијата која брзо напредува, искрено зборуваше во интервју со главниот уредник на Тајм Сем Џејкобс.

Алтман рече дека неговата ненадејна смена во ОпенАИ во средината на ноември се покажала како „вредно искуство за учење“ – и за него и за компанијата во целост. „Отсекогаш велевме дека ќе дојде таков момент“, рече Алтман. „Не мислев дека ќе дојде толку брзо, но мислам дека сме посилни бидејќи поминавме низ тоа“.

Алтман инсистира дека искуството на крајот ја зајакнало компанијата – и докажало дека успехот на ОпенАИ е резултат на тимска работа. „Тоа беше исклучително болно лично за мене, но сметам дека беше одлично за ОпенАИ. Никогаш не сме биле пообединети“, рече тој.

„Како што се приближуваме до вештачката општа интелигенција (АГИ), како што се зголемуваат влоговите овде, способноста на тимот на ОпенАИ да работи во несигурни и стресни времиња треба да биде од интерес за целиот свет“, рече тој.

„Мислам дека сите вклучени во ова, како што се приближуваме до суперинтелигенцијата, се под се поголем стрес и вознемиреност“, рече тој, објаснувајќи за тоа како дошло до негово отпуштање.

Тој зборуваше и за лекциите што ги научил од случајот: „Мораме да направиме промени. Секогаш сме велеле дека не сакаме АГИ да биде контролирана од мала група луѓе, сакаме да се демократизира. И тука очигледно погрешивме. Затоа, мислам дека ако не ја подобриме нашата структура на управување, ако не го подобриме начинот на кој комуницираме со светот, луѓето не треба да му веруваат на ОпенАИ. Но, ние сме силно мотивирани тоа да го подобриме“.

Технологијата има неограничен потенцијал, вели Алтман: „Мислам дека АГИ ќе биде најмоќната технологија што човештвото некогаш ја измислило“, особено во демократизацијата на пристапот до информации на глобално ниво.

„Ако размислите за цената на интелигенцијата и еднаквоста на интелигенцијата, за падот на цената, за значителниот пораст на квалитетот и што луѓето можат да направат со тоа“, рече тој, „тоа е многу поинаков свет. Тоа е свет кој научната фантастика веќе долго време ни го ветува – и за прв пат, мислам дека можеби ќе почнеме да гледаме како тоа ќе изгледа“, рече тој.

Сепак, „како и секоја друга претходна моќна технологија, тоа ќе доведе до неверојатни нови работи“, вели тој, „но ќе има вистински недостатоци“.

Алтман признава дека има предизвици кои бараат големо внимание. Особено, со претседателските избори во САД следната година, треба да се биде претпазлив како вештачката интелигенција може да влијае на демократијата.

Мешањето во изборите што денес кружи на социјалните мрежи може да изгледа едноставно. „Фарми за тролови… создадете еден одличен мем, и тој се шири“, вели Алтман, но предупредува дека дезинформациите поттикнати со вештачка интелигенција ќе станат многу полични и поубедливи: „Многу повеќе сум загрижен за тоа што ќе се случи ако вештачката интелигенција прочита сè што некогаш сте напишале на интернет… и потоа во точно одреден момент ќе ви испрати порака прилагодена на вас, што навистина го менува начинот на кој размислувате за светот“.

И покрај ризиците, Алтман верува дека доколку имплементацијата на вештачката интелигенција безбедно и одговорно се стави во рацете на луѓето, што според него е мисија на ОпенАИ, технологијата има потенцијал да создаде „свет кој станува многу побогат и многу подобар“.

„Мислам дека 2023 беше година кога почнавме да го гледаме тоа, а во 2024 година ќе видиме многу повеќе од тоа, а до крајот на оваа деценија мислам дека светот ќе биде неспоредливо подобро место“, рече тој. Но, додаде и дека: „Никој не знае што ќе се случи следно. Мислам дека како што напредува технологијата, предвидувањата често се погрешни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ