четврток, 19 септември 2024
Прес-конференција во Собранието на Македонија

Села: Уставниот суд да престане да гласа според етничката припадност и најавите од Мицкоски

Треба да се стави крај на етничкото гласање какво што вчера се случи во Уставниот суд кој донесе скандалозна одлука во врска со балансерот, инспирирана од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, изјави лидерот на едното крило во Алијанса за Албанците, Зијадин Села на прес-конференција во Собранието на Македонија. Тој смета дека за законите изгласани по Бадентер, Уставниот суд треба да одлучува исто така, со бадентерово мнозинство.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е обид да се суспендираат сите одбранбени механизми кои се градени низ овие години, а имаат за цел да ги заштитат правата на граѓаните. Со удирањето по балансерот се нарушуваат основните човекови права. Одлука што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата од пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на балансерот. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени по Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните“, рече Села.

Тој смета дека минимум што во ваква ситуација треба да се случи е да се донесе закон според кој за сите закони донесени со Бадентер, Уставниот суд треба исто така да одлучува со бадентерово мнозинство.

„Ние протестираме, а исто така и граѓаните треба да протестираат заедно со нас и да го решиме овој проблем еднаш засекогаш. Ова беше очекувано, бидејќи најавата за овој исход што се случи во Уставниот суд доаѓа од челниците на Вреди. Целта е да ја легитимираат секоја политичка постапка која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави и со нивното присуство во таа власт да ги легитимираат ваквите односи. Јас имам порака до нив – штетата што ја прават за ова општество е многу голема. Им препорачувам да направат чекор назад и да почнат да размислуваат не само за нивните интереси, туку и за доброто на сите граѓани“, додаде Села.

Тој рече дека биле потребни години за да се изгради внатрешна кохезија, а потребна е само една одлука таа внатрешна кохезија постепено да почне да се руши.

„Мојот апел до нив е да придонесат кон градење на Северна Македонија за сите граѓани, а да не ги прифаќаат националистичките повици на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од типот Македонија повторно само за Македонците. Ваквите чекори и ваквите одлуки се само обиди за градење на моноетничка држава во една мултиетничка реалност. Тоа не е добро за кој било граѓанин, без разлика на етничката припадност“, рече Села.

На новинарско прашање за коментар околу случаите на често злоупотребување на балансерот, тој одговори дека тој се злоупотребувал, но тоа не значи дека треба да се укине туку треба да се преземат мерки за да не се злоупотребува, потенцирајќи дека од претходниот министер од Алијанса за Албанците имало обиди да се стави крај на злоупотреба на балансерот.

Тој потенцираше дека треба да се воведе Закон за правична застапеност, со кој ќе се почитуваат сите етнички заедници и да се предвиди полова еднаквост и уште една категорија на граѓани – социјални случаи и лица со посебни потреби, а прашан дали овој Закон ќе го поддржи доколку е предложен од Вреди, одговори дека ќе дадат поддршка на секој закон за кој сметаат дека е добар.

Уставниот суд вчера на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, но и на слободата дали ќе се изразува етничката риадност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ