петок, 18 октомври 2024

Села: Таравари од нас нема да добие поддршка – Таравари: Да не се разделевме ДУИ ќе победеше

Без оглед што Арбен Таравари се кандидирал за претседател на државата нема да ја добие нашата поддршка, зашто не ја заслужуваат такви луѓе кои бегаат од своите сопартијци.  Ова на партиска трибина во Сарај го изјави Зијадин Села, кој по расколот во Алијанса за Албанците и поделбата на два дела го предводи едното крило од партијата. Таравари пак, од Струга порача дека ако ги прифатеше ставовите на Села, дека ДУИ ќе победеше на изборите. Африм Гаши, лидер на Алтернатива, изјави дека коалицијата Вреди ќе добие за 5 пратеници повеќе од ДУИ.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Луѓето кои бегаат, а немаат образ да се соочат очи в очи со нас, не заслужуваат поддршка од Алијанса за Албанците, без оглед што станува збор за Албанец кој сака да биде шеф на државата“, рече Села пред сопартијците.

Тој на сопартијците им одговори дека уште не е донесена одлука како ќе се настапи на парламентарните избори и дека одлуката не зависи само од него, туку од партиското раководство.

 

Во изјава пак, за ТВ Клан Македони не ја исклучи можноста за коалицирање, но рече дека во овој момент не се водат преговори со ниту еден политички субјект.

„Алијанса за Албанците е подготвена на секаква варијанта во однос на изборите, но немаме досега раазговори, а ако започнеме да разговараме со некој политички субјект, ќе информираме“, рече Села.

Арбен Таравари од Струга, каде се отвори изборен штаб на коалицијата Вреди, кон која се приклучи крилото на Алијанса за Албанците што тој го предводи, порача дека доколку тој и неговите приврзаници ги прифателе ставовите на Села за самостоен настап на партијата, дека победа на изборите ќе однесеше ДУИ.

„Да одевме сами како Алијанса за Албанците на парламентарните избори да, секако ќе добиевме пратеници. Опозициската коалиција која по нашето приклучување сега се вика Вреди, исто така ќе добиеше пратеници. Но така победата ќе беше на ДУИ. Велам, 100 посто ДУИ ќе победеше. А кој ќе им ја обезбедеше? Алијанса за Албанците со самостоен настап“, рече Таравари и нагласи дека сега шансите се на страната на Вреди и нагласи дека ДУИ ќе биде испратена во опозиција.

На прашањето од сопартијците дали можела да се спречи разделбата со Села, Таравари одговори дека можело под условите на Села кој, како што наглси, очигледно работеше да ја добилижи партијата многу блиску до ДУИ.

„Ако ме прашате како сега јас би постапил, ќе ви одговорам дека истата одлука би ја донел. Но згрешив една работа. Оваа одлука требаше да ја донесам порано, .не на 3 февруари, уште во декември кога стана јасно каде одат работите“, рече Таравари.

Тој му испрати предизвик на Села, ако се решил за самостоен настап, како што рече, нека ги донесе изборните листи, ќе му ги потпише и ќе им стави печат.

„А потоа ќе се види на 9 мај кој е кој“, рече Таравари.

Но, како што е познато, кој ќе ги има печатите и името од партијата, најверојатно ќе реши судот.

Коалицискиот партнер на Таравари во рамки на коалицијата Вреди, Африм Гаши, кој е лидер на Алтернатива, во гостување на ТВ21 изјави дека ДУИ ги помати работите за претседателските избори.

„Бевме на средба со премиерот на Косово, Аљбин Курти, излеговме потоа со заедничка изјава, целта беше да се излезе со кандидат за претседател Албанец. Се направи повик и кон ДУИ да се поддржи тој кандидат. Доколку ги анализирате анкетите, па и оние од СДСМ, ќе видите дека Таравари имаше шанса да влезе во втор круг, доколку беше поддржан и од ДУИ. Во тоа сум сигурен  99 отсто. Не велам дека и сега немаме шанси, но во тој случај, а  со оглед на рејтингот на СДСМ тоа ќе беше реалност“, изјави Гаши.

Африм Гаши додаде дека неминовно ДУИ ќе биде поразена на изборите и дека коалицијата Вреди, како што прогнозира тој, ќе има за пет пратеници повеќе од ДУИ.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ