сабота, 27 јули 2024

Секој судски чиновник чини 10.000 евра годишно

Објавено на

часот

Сподели

Секој работен час на секој од 2.999 вработени во македонските судови даночните обврзници просечено ги чини по 4,7 евра односно 290 денари. Што значи дека еден час работа на Суд со 100 вработени граѓаните ги чини 470 евра, а за еден работен ден од осум часа работата на  персоналот на истиот суд ќе бидат потребни 3.760 евра.

Работата на секој од вработените во македонските судови, во текот на 2012 година, просечно ќе чини 610.000 денари, колку што е планирано да се исплати од централниот Буџет. Во таа сума се вклучени платите, придонесите, надоместоците, режиските и други оперативни трошоци за секој од вработените во македонските судови. Без разлика дали се работи за: судија, помошник, приправник, дактилограф, стручен соработник, портир, чувар, обезбедувач, хигиеничар или административец. Просечно работата на еден вработен во судската власт во земјава даночните обврзници ќе ги чини по 10.000 евра годишно, односно повеќе од 830 евра месечно во текот на целата година.

За годинава буџетот на судската власт изнесува 1,85 милијарди денари колку што вкупно е планирано за работата на судовите во целост. Оперативните трошоци за вработените во расходната страна на судскиот буџет учествуваат со речиси 99% односно 1,83 милијарди денари.

Според официјалните податоци во прилог на Буџетот за 2012 година предвидено е македонските судови годинава да работат на 1,5 милиони судски предмети. Што значи дека во просек еден судски предмет чини 1.233 денари односно околу 20 евра.
Според прогнозата на Министерството за финансии работата на судовите даночните обврзници ќе ги чини 1,8 милијарди денари колку што ќе бидат префрлени од основниот Буџет на државата. Останатите средства ќе ги обезбедат судовите сами од донации или од други услуги.

Во буџетската анализа се вклучени: Врховниот, апелациските, управните и основните судови ширум земјава. Исклучен е Уставниот суд кој е институција со засебен буџет кој изнесува 35,3 милиони денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ