сабота, 20 април 2024

Секој случај за лекување во странство да се цени одделно, бара заменик омбудсманот Андоновски

Заменик народниот правобранител Јован Андоновски днеска најави иницијатива со која се предвидуваат измени на законски и подзаконски акти на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кои ќе бидат во насока да се цени секој случај индивидуално, а не да се категоризираат предметите. Ваквата најава на Андоновски доаѓа по случајот со Леонид Индов на кој Фондот не му одобри рехабилитацијата по здобиената повреда да продолжи во странство.

Објавено на

часот

Сподели

Тој посочи дека засега немаат никаква реакција од Фондот, во врска со најавената иницијатива.

„Засега немаме никаква реакција од страна на Фондот. Ние најавиме иницијатива. На таа иницијатива ќе почне да се работи оваа недела. Со неа предвидуваме измени на Законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗОМ коишто се застарени и антидатирани. Измените би биле во насока на тоа да се цени секој случај индивидуално, значи не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите“, изјави денеска Андоновски по учество на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во Скопје.

Тој потврди дека случаите со Леонид Индов и Јани Иванов од Неготино не се единствени, туку постојат повеќе случаи на кои ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман.

„Од нашето практично работење, можам да кажам дека не е само случајот Леонид Индов или Јани Иванов од Неготино. Станува збор за дузина случаи со коишто ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман, а притоа нивната состојба или останува иста или се влошува, за жал“, додаде Андоновски.

Андоновски посочи дека на семејството на Леонид им е даден правен совет во која насока треба да се однесува нивната жалба до второстепена комисија и очекува дека комисијата ќе излезе во пресрет на нивното барање.

„Ние стапивме во контакт со семејството на Леонид, им дадовме правен совет во која насока треба да се однесува нивната жалба до второстепената комисија и навистина очекувам дека комисијата ќе излезе во пресрет на нивното очекување и барање“, додаде Андоновски.

Претходно првостепената комисија на ФЗОМ го одби барањето за лекување на Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според Правилникот на Фондот за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот. По приемот на решението од првостепената комисија, семејството на Леонид има право на жалба во рок од 15 дена до второстепена комисија.

Леонид Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција. На 6 февриари годинава тој беше транспортиран со медикоптерот на МВР во здравствена установа во Австрија, на иницијатива на неговото  семејство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ