сабота, 27 јули 2024

Седумката кандидати

Наш! Горда! Храбро! Европски! Достоинствено! Вреди! Максимум!

За кого? За Македонија! За кого, сите за Македонија? Сите! Сите ли баш за Македонија? Сите… Пет од седум за Македонија, еден од петте и за северна, два од седумте за државата и за Северна Македонија. И за кого друг? За Европа! Два од седум и директно со слоганите. И пак сите за Европа. И за кого друг—трет? За НАТО! Шест од седум за НАТО. За, а сме во НАТО? Ако. И, за кого уште, за народот? Да!

Објавено на

часот

Сподели

Народот се изнаслуша грст слогани и потслогани на седумте претседателски кандидати, а допрва на нивните уши ќе се атакува. Кој може ќе издржи, кој сака и ќе оди да гласа. А колку генијално се обмислени слоганите е прашање не за милион долари, туку за ич пари, за да не помисли некој дека даваме идеја надлежниот орган и во тоа да бара корупција. МКД.мк на оној што ќе победи на изборите за најгенијален слоган ќе му искаже како награда едно БРАВО, не кафе секако, да не биде откај сега пари за кафиња па уште и филџан да се падне и ете мито сме давале заради идни државни реклами на порталот.

Значи, битката за најслоган е започната. За генијалноста на слоганите и потслоганите ќе известуваме до крајот на кампањата. Балансирано и со еднаков простор, да не биде дека за бравото фаворизираме некого. За слоганите и потслоганите кои пак, секој ден, секој час, сѐ повеќе напредуваат, ќе издвоиме збор – два по редоследот што го утврди ДИК за гласачките ливчиња.

 

  1. Стево Пендаровски. Слоганот е „Нашиот претседател Стево“ па следува своерачен потпис. „Графолози“ фаци од Фејсбук најдоа дека е тоа чкртаница – копија на потписот на некогашниот наш (на тие што минале живот во Југославија) претседател Тито. Нема спорно  во слоганот. Наш претстедател е Стево Пендаровски, мандатот не му е изминат. Дали ќе остане наш, ќе се знае на 24 април или на 8 мај. „Чкртаницата“ не е измама, се потпишал самиот. Да, тој вели Северна Македонија, ама на митинзите преферира да каже „Да живее Македонија“ и „Вечна Македонија“. Некако не му се допаѓа да викне „Да живее Северна Македонија“, уште помалку „Вечна Северна Македонија“. За Македонија не треба локатор, се знаеме тука, а за НАТО нема дискусија. За Стево е тоа многу голем дострел. ЕУ со него е дофатлива и пред ветената 2030 година. Ако остане наш претседател.  Односно, ако се заокружи бројот 1.

  1. Гордана Сиљановска Давкова. „Македонија повторно горда – Гордана“. (Не е Дафков, и не е Силјановска, како што ѝ осамна името на официјалната интернет страница на ВМРО-ДПМНЕ за време на митингот во Битола, туку е со Љ и е Давкова). Но, да баталиме презимето. Гордана доби идеја за слоганот Горда Македонија, зашто едноставно е: Гордана – горда па Македонија. А, Гордана вели, Гордана е од женски род и Македонија е од женски род и политиката е од женски род. И горда е од женски род и е логично Гордана шефица и „Maкедонија повторно горда -Гордана  за претседател“. „Јово наново“ е нејзиниот обид да застане на чело на државата, но сега тие што стојат и аплаудираат зад неа се уверени дека ќе биде претседателка. Горда е што сме НАТО, со реформи и целосно достоинствено и со почит кон нас ќе се чекори до ЕУ. Не под бугарски диктат и не со корупцијата која владее и не со анархијата. Има како да се влезе во ЕУ, знае професорката. Односно, ако се заокружи бројот 2.

  1. Стевчо Јакимовски. „Стевчо Јакимовски за претседател – ГРОМ- коалиција Храбро за Македонија“. Името често му го грешат, зашто тој е Стевчо, а не Стевче. И не оди Стевче со Храбро. И не оди ниту со ГРОМ што звучи моќно. Со гордост и храброст ќе го прекрати „ужасот без крај“, што го гледа и кај шесте противкандидати. „Добар политичар мисли само за следните избори, а добар државник мисли за следните генерации“, повторува Стевчо, кој значи, до изборите е политичар, а потоа државник со далечен поглед кон иднината. Црна листа? Ама нека си гледа Бајден за синот. А тек на Трамп што му прават, не па на Стевчо. А и како ќе балансира и со Русија кога ечи антируска камппања? Има како. Односно, ако се заокружи бројот 3.

  1. Бујар Османи. „Бујар Османи Европски претседател“. Да не се збунил? Не. Читај како пишува. Да не му се налути некој во ЕУ? Па не. Локално е. Башка, силно вика против Русија и тука гледа проруски елементи и сепаратисти. Е во тренд со ЕУ кога ја кара Москва и во Брисел нема љутиш. А, за европски да е треба врски, Бујар ги има како контакти и во ЕУ и во ОБСЕ и во САД. Туку, во ЕУ им се слуша и за екологија. Бујар ја враќа „зелената агенда“ што ДУИ некаде по автострадите ја испушти. Ќе му дојдат странци за со нив да цени колку се зелени не автострадите, туку сите проекти што ќе се прават. Поретко вели Северна, покусо му е „државата“ и е поевтино по секунда за рекламирањето. Ќе ги затвори сите лидери (во кабинетот, де) и ќе им изнуди уставни измени за државата да стане европска, а тој и како што вети, ќе е европски претседател. Односно, ако се заокружи бројот 4.

  1. Билјана Ванковска. „Го враќаме достоинството на нацијата ! – проф. Билјана Ванковска – Левица“. Билјана ќе го белее образот на Македонија. Од „Јово наново“, како и противкандидатката, таа се бори со левите сили да биде на чело на Македонија. Антивоените и антинато ставови се споија со тие на студентот, лидерот на Левица. Крвави се војните, чадорот од НАТО ќе го тргне. Со црвената идеологија по која се разликува, ќе донесе мир и спокој и социјална правда. Нема „да нѐ уриваат до темел“, па затоа ќе се раскинуваат Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија. И без НАТО и без пречки од Грција и Бугаријат со Ванковска ќе биде отворен патот до ЕУ. Односно, ако се заокружи бројот 5.

  1. Арбен Таравари. „Таравари претседател, Вреди“. Промената вреди. Таравари обединувачка платформа. Како и Бујар, тој или сега или другпат ќе биде избран во парламентот. Трча од Гостивар кон Чаир и Липково, па за Кичево и Струга. И автострадите ги чека. Но гледа крстопати. Кој пат Северна Македонија да фати? Логично е и на север заради самоопределуваноста, а за запад стрелката е најдебела на крстопатот. На север со Курти без Отворен Балкан, кон запад да не го види Рама. Ама Русија никако. Никако и проруските тукашни елементи источни, а неориентални, какви што гледа и меѓу интегративците. Ќе се гради консезуална демократија и ќе се биде обединувачки фактор. Чадорот на НАТО широко ќе е отворен. Оној на ЕУ ќе го отвора. Тарвари ќе биде производител на безбедност. Односно, ако се заокружи бројот 6.

  1. Максим Димитриевски. МаксимУМ за Македонија Максим Димитриевски за претседател – 7. Како и Гордана – горда и Максим е згоден за слоган. Максим како Максимум. Не како максимално, туку максимум зашто тоа е нешто ама баш до крај, до даска што би рекле кумановци. Башка се нуди и УМ. И тоа УМ до максимум оти тој вели ЗНАМ како со памет да се решаваат проблемите. Гледа дека многу ги има. Попатно наидува на редица притисоци. Домашна црна листа му спремале. Но пак е за позитивна, а не за црна кампања. Искра на надежта му го создаде слоганот ЗНАМ. Со ЗНАМ за наша Македонија ќе се врати земјата. Односно, ако се заокружи бројот 7.

Седумка велат носи среќа, ја како бројка, ја како седум бројки. Ама, што ако се заокружат сите седум редни броеви на гласачкото ливче? Еве, ако некој би им кажал браво на сите? Е не може. Нема да се важи.

Седум бројки може да се заокружат само на ЛОТО ливче. И само таму би биле седум среќни броеви. Макар што „системашите“ сигурно ќе ги фатат 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, ама добивката не ќе е голема. Сака да се прошараат бројките. А колку е голема сега добивката? Наслушнавме околу 1,3 милиони евра! Е, само за ЛОТО прашањето е за милион долари. И за повеќе од тоа. Верува некој дека некому ќе му паднат тие над милион долари? Пред избори или потоа?

Како и да е, се падна седумка од кандидати за претседател. Заокружи нешто! Или ќе играш лото?

П. Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ