петок, 25 октомври 2024

Шест кандидати за директор на Академијата за судии и јавни обвинители

Шест кандидати се пријавиле на огласот за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители што заврши вчера.

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите на МКД.мк на конкурсот за директор на АСЈО пријавен е и Андреј Димовски, судија во граѓанскиот Суд во Скопје, кој и во декември 2022 година беше кандидат за директор на Академијата, но не ја доби поддршката од Управниот одбор. Пријавен е и Ненад Савески, актуелен судија во Кривичниот суд во Скопје, кој претходно неколку години работел како обвинител во ЈО Гостивар, и исто така во 2022 година бил кандидат за директор на АСЈО. Кандидатка е и актуелната судијка во Кривичниот суд во Скопје, Оља Ристова, која во декември 2023 година пред Врховниот суд ја обжали одлуката на Судскиот совет да не ја поддржи нејзината кандидатура за судија во скопската Апелација. Директорка на АСЈО сака да биде и Едита Насковска, судијка во Управниот суд во Скопје, која во 2016 година беше дел од листата на тројцата кандидати за можни членови во Судот за човекови права при Советот на Европа во Стразбург. На конкурсот пријава поднела и Спасенка Андонова, обвинителка од ЈО Скопје која е и потпретседател на Здружението на јавни обвинители. И Ирина Трајкоска Стрезоски, обвинителка од Вишото јавно обвинителство во Битола, која исто така од 2022 година е потпретседател на Здружението на јавни обвинители, е кандидат за директорка на АСЈО.

Во јули годинава долгогодишната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска поднесе неотповиклива оставка откако Управниот и Вишиот управен суд, по иницијатива на тогашниот кандидат за претседател професорката Сиљаноска Давкова, одлучи дека полагањето на испитите за вработување на 130 слушатели во Академијата биле вршени спротивно на Изборниот законик.

Потоа Управниот одбор на Академијата за судии распиша оглас за нов директор на АСЈО со рок за пријавување кој заврши вчера.

Кој ќе биде избран за нов директор на Академијата ќе одлучи Управниот одбор на АСЈО со мнозинство гласови, а одлуката се очекува да биде донесена до крајот на месецов. На чело на Управниот одбор на Академијата е Беким Мехмеди, кој во судството ја извршува функцијата претседател на Апелацискиот суд во Гостивар. Според законот, оној кој ќе биде избран за директор на Академијата ќе има мандат во траење од четири години.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ