недела, 19 мај 2024

Седми по ред претседателски избори од независноста на Македонија

Претседателските избори на 24 април ќе бидат седми од незавиноста на државата. На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандати, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски, кој повторно се кандидира за шеф на државата. Денеска гласаат болните, затворениците и лицата во старските домови. Претседателски избори ќе ги следат 342 домашни и 568 странски наљудувачи.

Објавено на

часот

Сподели

Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров беше даден врз основа на избор од страна на Собранието на Република Македонија, согласно тогашните уставни решенија, а неговите наследници беа бирани на непосредни избори.

Првите претседателски избори во Република Македонија се одржани на 16 октомври 1994 година, истовремено со парламентарните избори. На изборите учествуваа двајца кандидати, а победи во првиот круг Киро Глигоров со освоени 715.087 гласови односно 78,4 проценти, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Неговиот противкандидат Љубиша Георгиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ освои 197.109 гласови, односно 21,6 проценти.

Вторите претседателски избори во независна Република Македонија се одржаа во 1999 година. Дотогашниот претседател Киро Глигоров не се кандидираше на овие избори, а победи Борис Трајковски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг на учествуваа кандидатите – Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили, Тито Петковски, Стојан Андов и Борис Трајковски. Во вториот круг победи Борис Трајковски со 582.808 гласови, а Тито Петковски освои 513.614 гласови, или 52,40 проценти наспроти 46,18 проценти.

Третите претседателски избори во 2004 година се одржаа предвреме поради смртта на претседателот Борис Трајковски. Првиот круг се одржа на 14 април 2004 година, а вториот на 28 април 2004 година. На изборите учествуваа четворица кандидати – Бранко Црвенковски поддржан од СДСМ, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ, Зуди Џелили од ДПА. На овие избори победи Бранко Црвенковски со освоени 550.317 гласови или 62,6 отсто, наспроти Сашко Кедев со 329.179 гласови или 37,4 проценти.

Четвртите претседателски избори се одржаа на 22 март и на 5 април 2009, во исто време со изборите за локална самоуправа. На изборите учествува седум кандидати – Ѓорѓе Иванов поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од СДСМ, Имер Селмани од Нова Демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и Мируше Хоџа од ДПА. На овие претседателски избори победи Ѓорѓе Иванов со 453.616 гласови или 63,14 проценти.

Петтите претседателски избори беа редовни, а се одржаа на 13 април и 27 април 2014 година. Истовремено со вториот круг на претседателските избори беа одржани и предвремени парламентарни избори. Вториот круг беше на 27 април 2014 година. Во него се пласираа кандидатите Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски. На овие петти претседателски избори победи кандидатот на ВМРО-ДПНМЕ Ѓорѓе Иванов со освоени 534.910 гласови наспроти кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 398.077 гласови. На овие претседателски избори освен Пендаровски и Иванов, учествуваа и Зоран Попоски поддржан од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА.

Шестите претседателски избори се одржаа на 21 април и 5 мај 2019 година, на кои победи Стево Пендаровски со освоени 435.656 гласови или 53.59 проценти. Ова беа првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор со кој беше решен спорот за името со Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија. На овие претседателски избори, покрај Стево Пендаровски, учествуваа и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Река поддржан од Алијансата за Албанците и Движењето БЕСА.

Денеска гласаат болните, затворениците и лицата во старските домови.

Вкупно 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во Казнено-поправните домови и лица во притвор, во старски домови и наши државјани во странство, можат да гласаат денеска, ден пред утрешните претседателски избори.

Претседателски избори ќе ги следат 342 домашни и 568 странски наљудувачи.

Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори.  Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април се акредитирани 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР – 375. Од домашните најбројни ќе бидат набљудувачите на Здружението за развој на опшествено – социјални иновации Вејк ап – 182.

Освен овие организации акредитирани за набљудување на Изборите за претседател се здруженијата Цивил, Инклузива, Ромите за демократија, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување на претседателските избори, НДИ, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука на Централната изборна комисија на Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Скопје и Европската асоцијација за дијалог и демократија.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, Еуроњуз Албанија, ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка, Топ канал Албанија и други.

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.

Во земјава денеска е молк, пред утрешните седми претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места. Годинава поради тоа што се одржуваат двојни избори, за време на молкот за претседателските избори, нема прекин на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ