сабота, 27 јули 2024

Се тресеше гората, се роди глушец!

Објавено на

часот

Сподели

 

Не дека Македонците не читаат и не гледаат, туку тешко кој верува во тоа што го слуша и го гледа. Од вестите на ТВ-каналите, временските прогнози веројатно се точни, велат некои, а и тоа што е пренесено од странство е точно… Можеби. А можеби и не.

Сашо Христoвски: Не им верувам на медиумите!

Оваа мала анкета, како за почеток, пренесува некои од мислењата на нашите сограѓани.
Советникот во одделението за спорт на градот Скопје, Сашо Христовски, на прашањето дали и колку им верува на медиумите вели вака:

„Каде има жолт печат, нема вистински новинари”, вели Оливера

„Мојот конкретен одговор е не. Како долгогодишен новинар во неколку дневни и неделни весници, пред шест години завршив со одисејата новинарство. На моја среќа. Да не се разбереме погрешно, сè уште ме чешаат прстите, но овојпат своите ставови ги изнесувам преку блог, а последниве две години на Фејсбук. Долги години бев зависник од милоста на новинарската хартија, а денес со жалење констатирам дека сè поретко ги купувам македонските печатени медиуми. Телевизија гледам, вестите ги заобиколувам во широк лак, бидејќи сè се сведува на меѓусебно плукање на политичарите. Многу повеќе им верувам на порноканалите, барем таму сè завршува со „хепи енд“ и чесна работа. Од време на време знам да пуштам Собраниски канал, ама само за да се посмеам, но смеењето преминува во згрозување.“

 

Директорката на „Корнеа медика“, Магдалена Лазаревска, им верува на медиумите само кога пренесуваат реални информации, кои според неа се информации од светот, временска прогноза и слично.

Им верувам на временските прогнози

„Сите други информации, кои спаѓаат во доменот на анализа или став на медиумот по одредено прашање, треба да се земат со резерва затоа што токму тој ‘став’ премногу се злоупотребува во последниве години“, вели Магдалена.
Оливера Јосифовска пак, е уште поконкретна.
„Секоја фотографија што е ставена во жолтиот печат, како на пример „Крема“ или „Свет“, може да биде монтажа. А за мене тоа е доказ дека во тие списанија нема вистински новинари.“
Благодарение на своите многубројни ФБ-пријатели, од тука и од странство, Лилјана Кочоска (правник и преведувач на книги) е информирана секогаш пред да ја информираат медиумите. Таа знаела и дека веста за снемувањето на некои од интернет-сервисите на еден ден, која беше пуштена вчера од страна на медиумите, ќе биде „се тресела гората, се роди глушец“. Објаснува дека и таа има свој профил на ФБ и дека си ги почитува пријателите со кои е во контакт, ама ги претпочита разговорите „во живо“.
„Го почитувам правото секој да објавува што сака, но јас избирам да читам што сакам и избирам што ќе гледам на телевизија“, вели таа и додава. „Не знам како некои не можат да сфатат дека никаде нема потполна слобода во говорот. Ниту имало некогаш ниту ќе има.“
Најбрзи информации добива токму од ФБ, од прва рака.

Лилјана вели дека ударните информации ги добива од ФБ, а телевизиите потоа ги пренесуваат истите

„Кога на телевизиите почнува нешто да се најавува, овде, на ѕидовите, темата веќе на големо се „обработува“. И потоа информациите што ги гледам на телевизија ми доаѓаат како дежаву. Значи брзината на ширењето на вестите е на страната на социјалните мрежи. А со тоа се поткрепува девизата Господарот на информацијата е господар на ситуацијата“, смета Лилјана. Објективноста не ја дава никому. „Таа сепак зависи од мојата перцепција.“

Преку својот ФБ-ѕид, Џина Папас Џокси им порача на пријателите за случајот „Стојановски“.

И малку повеќе почит кон дипломатите не е на штета!

„Чиста дезинформација на јавноста, а со тоа се доведува во прашање објективното известување за настаните. Непромислена шпекулација, која не само што му нанесува штета на амбасадорот Стојановски лично, туку и на нашите од дијаспората… Заклучувам дека станува збор за непрофесионален приод и статија со умисла…“
Во пост скриптумот пак стои: „И малку повеќе почит кон дипломатите не е на штета!“
И не сакајќи да призвучиме како турска, шпанска, индиска или каква било друга серија, веќе утре ќе ја продолжиме истава тема.

Продолжува…

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ