петок, 14 јуни 2024

Се шири незадоволството во ДПМ, се бара вонредното изборно собрание

Зад реакцијата и јавниот повик упатени од македонските писатели по последните настани во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), застануваат уште писатели – членови на ДПМ. Реакцијата и јавниот повик ги потпишаа и: Санде Стојчевски, Љубинка Донева, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Гордана Јовиќ-Стојковска, Борче Панов, Соња Стојменска-Елзесер, Лилјана Пандева, Сашо Огненоски, Ана Мартиноска, Игор Анѓелков, Диме Ратајкоски, Снежана Младеновска Анѓелков, Снежана Стојчевска, Марија Гиревска, Јулијана Величковска и Милена Ристова-Михајловска.

Објавено на

часот

Сподели

Македонските писатели, меѓу другото, гласно порачуваат:

По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа. Следствено на тоа, ја повикуваме претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот.

Писателите и нагласуваат дека сите реакции, критики и барања од страна на членовите на ДПМ во изминатиот период се поттикнати од лошото раководење и функционирање на Друштвото. Притоа и порачуваат дека лошото раководење и функционирање на ДПМ се во спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница. ДПМ има важно историско значење за македонската култура и држава, а со тоа и за националниот идентитет, и мора да има општествена одговорност и цврста позиција во денешницата.

Потписници на реакцијата и повикот упатени вчера, најпрво беа членовите на ДПМ: Влада Урошевиќ, Димитрие Дурацовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска, Виолета Танчева-Златева, Зоран Јакимовски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Игор Станојоски, Румена Бужаровска, Ирена Јурчева, Славица Гаџова-Свидерска, Драгана Евтимова, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Иван Антоновски, Михајло Свидерски и Никола Илијовски.

Во продолжение ви го испраќаме и интегралниот текст на реакцијата и повикот на членови на ДПМ и Ве замолуваме за него да ја известите јавноста, имајќи ја предвид важноста на ДПМ за македонската култура и држава.

РЕАКЦИЈА И ПОВИК

По неотповикливата оставка на Христо Петрески од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ); по свикувањето Вонредно изборно собрание од Претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска; и по повлекувањето на Христо Петрески на неговата неотповиклива оставка (постапка без преседан), ние, како членови на ДПМ, со цел да се заштити достоинството на македонскиот писател, по обраќањето на Христо Петрески до медиумите, во кое, потпишан како претседател на ДПМ, зборува дека е „под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик“, укажуваме дека:

– ДПМ има важно историско значење за македонската култура и држава, а со тоа и за националниот идентитет, и мора да има општествена одговорност и цврста позиција во денешницата;

– Сите реакции, критики и барања од страна на членовите на ДПМ во изминатиот период се поттикнати од лошото раководење и функционирање на Друштвото;

– Лошото раководење и функционирање на ДПМ се во спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница;

– Доброволната оставка на 8 од 9 членови на Претседателството на ДПМ не смее да остане незабележана, и недозволиво е да се направи самоиницијативен обид, неоправдан од Статутот, за нивна замена со други членови.

– Начинот на кој Христо Петрески се обидува да создаде матна слика во јавноста преку веќе наведевениве постапки е штетен за угледот на ДПМ во Македонија и во странство, но штетен е и за националните (и за сите други) интереси;

– Христо Петрески, пред целото членство на ДПМ (преку кој било медиум), мора да го образложи неаргументираното тврдење испратено до медиумите за наводните притисоци и закани, како и за прашањата што наводно ги задираат идентитетот и македонскиот јазик;

– Членството на ДПМ нема да дозволи да биде изманипулирано и бара медиумите и пошироката јавност да бидат запознаени со тековните случувања во раководството на Друштвото, зашто по сите превирања и обвиненија, сметаме дека невалидна е изјавата на Христо Петрески дека „работата на Друштвото се одвива во неговите простории и во културните институции“;

– По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа. Следствено на тоа, ја повикуваме претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ