Оксфам наведува дека расте и богатството на супербогатите: нивното вкупно богатство пораснало од 13 билиони американски долари на 15 билиони во текот на само една година.
Наспроти тоа, 733 милиони луѓе немаат доволно храна – тоа е околу 152 милиони повеќе гладни отколку пред пет години.
Според Оксфам, во моментов во светот има 2.769 милијардери. Нивниот вкупен имот, се наведува во студијата, растел три пати побрзо во 2024 отколку во претходната година.
Богатството на десетте најбогати милијардери растело во просек за 100 милиони долари дневно.
Наспроти тоа, бројот на луѓе кои живеат под проширената граница на сиромаштија, која ја утврди Светската банка, а која изнесува 6.85 долари дневно, стагнира од 1990 година и изнесува речиси 3,6 милијарди, се наведува во студијата на Оксфам.
Според авторите на студијата, богатите се големите добитници на кризните години. Од гледиштето на оваа хуманитарна организација, растечкиот јаз има последици за глобалната заедница, но и за националните општества.
Бидејќи супербогатите намерно се погрижиле неправедните структури да останат неправедни.
„Економски јаките земји на глобалниот север продолжуваат да поставуваат правила од кои супербогатите и нивните корпорации имаат корист“, се истакнува во извештајот. Тоа е, се наведува во студијата, сè уште последица на колонијализмот.
Извршната директорка на германски Оксфам, Серап Алтинишик, предупредува на негативните последици за демократијата.
„Богатството оди рака под рака со политичката моќ. Тоа го гледаме денес на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, претседателот милијардер поддржан од најбогатиот човек во светот Илон Маск“.
„Растот на богатството на супербогатите е неограничен, додека едвај има некаков напредок во борбата против сиромаштијата“, критикува Алтинишик.
Извештајот се темели на податоците на магазинот Форбс. „Дури и кога преку ноќ би изгубиле отсто од своето богатство, и понатаму би биле милијардери“, наведува организацијата за помош и развој.
На таканаречената листа на најбогатите на Форбс се наоѓаат американските технолошките претприемачи Џеф Безос (Амазон), Марк Закерберг (Мета), Лери Елисон (Оракл), Бил Гејтс и Стив Балмер (Мајкрософт) и Лери Пејџ (Гугл).
Се верува дека супербогатите имаат и сè поголемо влијание на даночното законодавство. На пример, во намалувањето на данокот на добивка, несоодветното оданочување на капиталните добивки, ослободувањето од данокот на наследство и укинување на данокот на богатство.
„Меѓу 1990 и 2017 година бројот на земји со данок на додадена вредност тројно се зголеми од 50 на повеќе од 150, додека бројот на земји со данок на нето богатство падна од дванаесет на четири“, се наведува во студијата на Оксфам.