сабота, 27 јули 2024

Сè поголема гужва: Во Црвено Море пристигнаа руски воени бродови

Руски воени бродови на Тихоокеанската морнарица го поминаа мореузот Баб ел Мандеб и влегоа во Црвено Море, јавува ТАСС, повикувајќи се на извештаи на прес-службата на руската Пацифичка флота.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за ракетниот крстосувач Варјаг и фрегатата Маршал Шапошников, а според извештајот на руската Пацифичка флота, бродовите „извршуваат задачи во рамки на поморска кампања со широк опсег“.

Блумберг наведува дека од извештајот е нејасно крајното одредиште на бродовите, како и тоа зошто Русија ги испратила во таа област.

На почетокот на месецот бродови на воените морнарици на Русија, Кина и Иран почнаа заедничка вежба „Поморски безбедносен појас – 2024“ во Оманскиот Залив, а ќе вежбаат ослободување брод од пирати, соопшти руското министерство за одбрана.

Јеменските Хути напаѓаат комерцијални и воени бродови во регионот на Црвено Море во знак на солидарност со Палестинците во Газа.

Нападите на Хутите во Црвено море го нарушија глобалниот бродски транспорт и ги примораа бродските компании да се пренасочат на подолги и поскапи рути околу јужна Африка.

Американски и британски воени бродови во Црвено Море со недели ги гаѓаат позициите на Хутите во обид да ги одвратат од нападите на трговските бродови, додека Иран, кој ги поддржува Хутите, има шпионски брод непосредно пред Црвено Море, исто како и Франција.

Хутите објави дека руските и кинеските бродови може да пловат низ Црвено Море и Аденскиот Залив и дека нема да бидат напаѓани, објави Блумберг, повикувајќи се на неколку извори.

Во замена за ненапаѓањето на бродовите, двете земји би можеле да им пружат поддршка на Хутите во тела како Советот за безбедност на ОН. Засега не е јасно како таа поддршка би се манифестирала, но би можела да вклучува блокирање резолуции против бунтовничката група.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ